| Засилена соработка меѓу државните институции и бизнис секторот - Средба со претседателите на Стопанските комори | |
|
|
На средбата на која присуствуваа г-дин Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопански комори, и г-дин Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северо-западна Македонија беа анализирани економските резултати од 2011 година и од првиот квартал од 2012 година и беа разменети мислења за актуелните економски текови во Република Македонија, со акцент на глобалната економска криза. Претседателот Иванов ја изрази својата поддршка за претставниците на стопанските комори и за нивниот придонес во економијата, како и конструктивноста во креирањето на државните политики во овој сегмент. Имајќи го предвид економски тешкиот период во кој се наоѓа светот, неопходна е засилена соработка меѓу државните институции и бизнис секторот, со цел намалување на последиците врз домашната економија и одржување на темпото на економски раст, подвлече Претседателот Иванов. Соговорниците заклучија дека зголемувањето на извозот и продолжувањето со привлекување на странски инвестиции претставуваат приоритет од исклучителна важност за земјата, на кој треба заеднички да се работи. На средбата беа разгледани повеќе конкретни иницијативи, кои имаат за цел поддршка на претприемништвото, иновациите, поттикнување на извозот на домашните производи и отворање на нови пазари. Во овој контекст, претседателот Иванов го изрази своето очекување за поинтензивна и поефикасна комуникација со стопанските комори, потенцирајќи дека токму економската дипломатија е еден од клучните приоритети во неговата домашна и меѓународна агенда. На средбата беше поканет и г-дин Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди работен ручек за претседателите на Стопанските комори во Република Македонија.










