| Соработка и негување заеднички вредности – средба со претседателот на Албанската академија на науки, Гудај Беќирај | |
|
|
Двајцата соговорници се согласија дека историската поврзаност на двете пријателски соседни земји, добрите политички односи, како и заедничката визија за иднината, претставуваат поттик за натамошно интензивирање на соработката во областа на науките и уметностите. Претседателот Иванов го поздрави потпишувањето на Меморандумот за разбирање и научна соработка меѓу двете највисоки научни институции на Македонија и Албанија, во септември 2011 година, како и почетокот на реализација на конкретни проекти и активности од заеднички интерес. Претседателот на ААН, Беќирај го информираше претседателот за сите досегашни преземени иницијативи, како и за последната заедничка активност - одржувањето на „Денови на албанската наука и уметност" во Република Македонија. Претседателот Иванов и академикот Беќирај се согласија дека начинот на комуникација, соработката и разбирањето меѓу МАНУ и ААН се пример за добрососедските односи и негувањето на зедничките вредности. Македонскиот претседател, кој од неодамна е и Протектор на Европската академија на науките и уметностите, истакна дека негова обврска, но и цврста определба, е да ги поддржува сите проекти кои придонесуваат за унапредување на науката, уметноста, образованието, културата, како и сите заеднички иницијативи насочени кон создавање услови за подобра иднина и просперитет на граѓаните на овие простори.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го прими претседателот на Албанската академија на науки (ААН), академик Гудај Беќирај, кој е во посета на земјата по повод „Деновите на албанската наука и уметност".










