|
По повод Денот на настава на албански јазик - средба со професорите Дарлишта, Даути и Мурати
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, во пресрет на Денот на наставата на албански јазик - 7 март, прими претставници од сферата на наставата и образованието на албански јазик во Република Македонија. На средбата на која присуствуваа професор Нухи Дарлишта, претседател на Сојузот на наставниците - Албанци во Република Македонија, професор Несет Даути од Одделението за образование при Заедницата на единиците на локална самоуправа и истакнатиот универзитетски професор Џеладин Мурати, претседателот Иванов ја искористи можноста ним и на сите наставници и просветни работници - Албанци во Република Македонија да им го честита Денот на наставата на албански јазик. Претседателот Иванов и неговите соговорници на средбата ја истакнаа важноста на образованието на мајчин јазик. Претседателот истакна дека Република Македонија е позитивен пример во регионот, како општество кое овозможува настава на мајчин јазик за сите заедници и во сите степени на образованието. Тој додаде дека вложувањето во образованието е вложување за подобра и понапредна иднина на сите во граѓани на Република Македонија. На средбата беше разгледана состојбата во образованието на албански јазик, која беше оценета како добра. Тема на разговор беа и можностите за натамошно унапредување на достапноста и квалитетот на образованието на албански јазик. Присутните гости се заблагодарија за поканата и изразија задоволство што средбите по повод Денот на наставата на албански јазик прераснуваат во традиција, нагласувајќи дека со нив се укажува на значењето кое Република Македонија го придава кон унапредувањето на образованието на сите заедници во државата, како и на улогата на образованието во интегрирањето на сите граѓани.
|