| Честитка до г-дин Херман ван Ромпуј по повод изборот на функцијата Претседател на Европскиот совет | |
|
|
Почитуван господине Претседател, По повод Вашиот повторен избор на функцијата Претседател на Европскиот совет, дозволете ми, од мое лично име и од името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам искрени честитки и желби за натамошни успеси во извршувањето на оваа одговорна функција. Би сакал да истакнам дека Република Македонија и јас лично високо го цениме Вашиот ангажман и посветеност за развој на Унијата, особено во процесот на заокружување на најголемиот и најзначаен проект на нашиот континент, обединета и просперитетна Европа. Но, верувам, го делиме мислењето дека без забрзана интеграција на регионот на Југоисточна Европа, патот до заедничките цели, стабилност и благосостојба, за сите земји од нашиот регион, ќе биде отежнат. Граѓаните на Република Македонија силно веруваат во овој историски проект, посветено, со сиот свој капацитет и потенцијал, и натаму работат на исполнување на стандардите и критериумите за реализирање на својата стратешка цел, членство во Унијата. Оттука, Република Македонија очекува постигнувањата и напредокот да бидат крунисани со почеток на пристапните преговори со ЕУ, за што, како и досега, ја очекуваме Вашата поддршка. Сметаме дека крајно време е преговорите да почнат. Сите би имале корист од овој процес, ние, нашиот јужен сосед, но и поширокиот регион.
Ме радува што Ваш приоритет останува политиката за натамошно проширување на ЕУ, и оттука, очекувам Ваша поддршка за мојата земја на тој план. Почитуван господине Претседател, Ве молам, примете ги изразите на моето највисоко почитување. д-р Ѓорге Иванов
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод реизборот на функцијата Претседател на Европскиот совет, упати писмо до Претседателот на Европскиот Совет, Херман ван Ромпуј.










