Македонија е привлечна бизнис дестинација - средба со Принцот Мајкл од Кент
Недела, 29 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со Неговото Кралско Височество Принцот Мајкл од Кент, Велика Британија.

 
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија посветува посебно внимание на развојот на односите и соработката со Обединетото Кралство. Обединетото Кралство е голем пријател и партнер на нашата земја, и благодарни сме за силната принципиелна и отворена поддршка во процесот на интеграција на Република Македонија во европските и евро-атлантските структури, нагласи претседателот Иванов.

Двајцата соговорници изразија задоволство од позитивниот развоен тренд на политичките односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, како и за перспективите за интензивирање на соработката на полето на економијата, културата и други сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов и Принцот Мајкл разменија мислења за очекувањата на Република Македонија од претстојниот НАТО Самит, како и за можностите за донесување одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија за влез во ЕУ, и непречено продолжување на интеграциите со одвојување на прашањето за името од тие процеси.

Меѓу главните точки на разговор беше и динамизирањето на економската соработка меѓу Македонија и Британија, при што Претседателот Иванов го информираше Принцот за спроведените реформи и интензивните напори за креирање поволен економски амбиент, кој во многу сегменти ги надминува земјите во регионот и пошироко. Таквата ситуација, како што нагласи Претседателот, отвора простор за привлекување на поголем број британски компании да инвестираат во Македонија, како и за воспоставување нови економски врски и зголемена трговска размена.

Принцот Мајкл од Кент, нагласи дека Македонија во изминативе неколку години постигна интензивен напредок и претставува привлечна бизнис дестинација. Тој воедно изрази задоволство од зачестените контакти меѓу двете земји во изминатите месеци, како и верување дека по оваа посета ќе има и конкретни резултати.

Членовите на британската бизнис делегација изразија заинтересираност за инвестирање во земјоделството, рударството, хотелиерството, ИТ индустријата, телекомуникациите и во други сектори.



  Back<<Назад