| Успешна соработка на секое ниво – средба со претседателот на Народното собрание на Србија, Ѓукиќ-Дејановиќ | |
|
|
На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од добрите меѓусоседски односи на Македонија и на Србија, од честите и пријателски средби на високо ниво, и од добрата економска размена меѓу државите. Претседателот Иванов ја поздрави досегашната соработка на парламентарно ниво, оценувајќи ја ваквата соработка како посебно значајна за севкупните односи меѓу двете земји. Претседателот на Народното собрание на Република Србија, г-ѓа Ѓукиќ-Дејановиќ, истакна дека односот и воспоставените лични релации меѓу претседателите Иванов и Тадиќ претставуваат пример за сите останати институции и во двете земји, пример кој треба да се следи. Поздравувајќи ја досегашната интензивна соработка во сите сфери, г-ѓа Ѓукиќ-Дејановиќ изрази желба и подготвеност за уште подинамична сестрана соработка меѓу Македонија и Србија. Заемен заклучок од средбата беше дека акцентот во наредниот период треба да се стави на натамошното инфраструктурно поврзување на Македонија и Србија, особено во патната и енергетската инфраструктура, со цел подобро искористување на можностите за економска соработка. Претседателот Иванов и претседателот на српското Собрание Ѓукиќ-Дејановиќ, на средбата дискутираа за состојбите во регионот, особено за актуелната состојба во интегративните процеси. Претседателот Иванов оцени дека на регионот му е потребна јасна евро-атланска перспектива, при што изрази надеж дека сите држави од регионот во текот на годинава ќе остварат напредок во своите интегративни процеси, независно од пречките кои се наоѓаат на тој пат, оценувајќи дека продолжувањето на интеграциите е најдобар пат кон просперитет и стабилност во регионот.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со претседателот на Народното собрание на Република Србија, Славица Ѓукиќ-Дејановиќ.










