| Македонската дипломатија да зборува со единствен, јасен и аргументиран глас – средба со македонските амбасадори | |
|
|
Претседателот Иванов го истакна продлабочувањето на партнерските односи со повеќе држави и меѓународни институции. Тој се осврна и на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, нагласувајќи дека истата значи потврдување на кредибилитетот на нашата надворешна политика. Претседателот Иванов додаде дека, сепак, останува уште многу да се направи за да се исполнат очекувањата на граѓаните. Тој побара поголема ангажираност на амбасадорите во јавната и културната дипломатија, како и поактивна афирмација на достигнувањата на Република Македонија на внатрешен план, ангажираноста во регионалните иницијативи и напорите за градење на добрососедски односи. Во тој контекст, Претседателот истакна дека во наредниот период Република Македонија ќе биде домаќин на две исклучително важни иницијативи кои дополнително ќе го зацврстат угледот на нашата земја: претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа за периодот 2012–2013 година, и Самитот посветен на дијалогот меѓу цивилизациите, на кој земјата ќе биде домаќин во 2013 година. Според Претседателот, македонските акредитирани дипломати треба да добијат можност поактивно и послободно да ги застапуваат интересите на Република Македонија, согласно утврдените приоритети на надворешната политика. Но, ја нагласи и потребата од унапредување на координацијата меѓу надлежните институции и дипломатската мрежа што ќе придонесе целата македонска дипломатија да зборува со единствен, јасен и добро аргументиран глас. Согласно најавите за поригорозно оценување и повисоки критериуми, претседателот Иванов уште еднаш нагласи дека во наредниот период заедно со Министерството за надворешни работи ќе се спроведе евалуација на ангажманот и резултатите на македонските дипломатско-конзуларни претставници за 2011 година. Република Македонија ќе биде успешна само доколку има посветени, мотивирани, добро информирани и кредибилни амбасадори, нагласи претседателот Иванов на денешната средба.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес оствари работна средба со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва и мисии на Република Македонија во странство.











