Соопштенија
Средба со вицепремиерот и министер за стратегиски прашања на Државата Израел, Моше Јалон
Среда, 09 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Моше Јалон, вицепремиер и министер за стратегиски прашања на Државата Израел.

Вицепремиерот Јалон на средбата изрази благодарност до Република Македонија за иницијативата за изразување на почит на жртвите на Холокаустот преку отворањето на Меморијалниот центар во Скопје, кој го оцени како голем гест на Македонија.

Претседателот Иванов на средбата искажа особено задоволство од позитивниот тренд во развојот на односите и соработката со Државата Израел. Претседателот оцени дека соработката меѓу двете земји е континуирана и на сите нивоа, и ја поздрави посетата на вицепремиерот Јалон како доказ за високиот степен во односите. Вицепремиерот Јалон искажа подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на односите и соработката со Република Македонија во сите сфери од взаемен интерес.


На средбата беа разменети мислења и информации за состојбите во регионот на Југоисточна Европа и на Блискиот исток. Претседателот Иванов го запозна соговорникот со актуелните политички и економски состојби во Република Македонија, како и со напорите и актуелностите на планот на интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури. Во тој контекст Претседателот Иванов го запозна соговорникот и со актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси, што од своја страна создава предизвици на внатрешен план.

Средба со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој, Јан Фишер
Среда, 09 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Јан Фишер, потпретседател на Европската банка за обнова и развој.

На средбата, г-дин Фишер се интересираше за актуелните политички и економски состојби во Република Македонија, како и за актуелностите на планот на интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури. Во тој контекст, Претседателот Иванов го запозна соговорникот со тековните настани во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси. Претседателот воедно оцени дека ова прашање од своја страна отвора дополнителни прашања и предизвици на внатрешен план во Република Македонија, особено во сферата на економскиот развој.


Соговорниците разменија мислења и информации за состојбите во поширокиот регион. Потпретседателот на Европската банка за обнова и развој искажа благодарност до Претседателот Иванов за неговиот ангажман на регионален план и ги поздрави напорите за конкретизирање на проектите кои ќе овозможат инфраструктурно поврзување на целиот регион на Југоисточна Европа, кои се високо на агендата на Претседателот Иванов во сферата на регионалната соработка. Г-дин Фишер нагласи дека ЕБОР е подготвена да го поддржи развојот на Република Македонија во согласност со нашите потреби. Особено внимание беше ставено на големите инфраструктурни проекти, како што се Коридорите 8 и 10, како и на енергетските проекти. Претседателот Иванов искажа благодарност за улогата и ангажманот на ЕБОР како еден од најголемите поддржувачи на развојот на Македонија, во повеќе сфери. Претседателот Иванов воедно го информираше соговорникот за активностите кои се преземаат на планот на создавање на подобра економска и инвестициска клима во Македонија.

Средба со министерот за надворешни работи на Република Словенија, Самуел Жбогар
Среда, 09 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Самуел Жбогар, министер за надворешни работи на Република Словенија.

На срдечната средба, Претседателот Иванов и министерот Жбогар констатираа дека односите меѓу двете држави се на највисоко ниво. Претседателот Иванов му се заблагодари на министерот Жбогар за постојаната поддршка на Република Словенија за македонските интеграции во НАТО и во Европската Унија.

Средбата беше можност да се разгледаат заклучоците од неодамнешната официјална посета на Претседателот Иванов на Република Словенија, и дополнително да се конкретизираат можностите за соработка, особено во областа на европските интеграции, каде се очекува да се интензивира поддршка од страна на Република Словенија.


Тема на разговор на средбата беше актуелната политичка состојба во Македонија, при што Претседателот Иванов и министерот Жбогар се согласија дека е неопходно брзото враќање на повеќе партии од опозицијата во Собранието на Република Македонија и дека нормалниот политички дијалог и функционирањето на сите институции се значаен критериум во интегративните процеси.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги исполнила критериумите за отворање на преговорите за членство во Европската Унија и дека е од голема важност за европската перспектива на Македонија да не дојде до нарушување на постигнатото. Претседателот Иванов оцени дека за реформскиот ангажман на Македонија е потребно преговорите со ЕУ да течат без попречувања предизвикани од билатерални прашања, и го повтори ставот дека преговорите со ЕУ можат да се водат паралелно со разговорите за надминување на спорот кој Република Грција го поставува во врска со нашето уставно име.

Новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска Златко Крамариќ ги предаде акредитивните писма
Петок, 04 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија, Н.Е. д-р Златко Крамариќ.

Амбасадорот Крамариќ во своето обраќање изрази цврсто уверување за продлабочување на трајното пријателство меѓу двете земји кое верификувано и во многу меѓународни документи дополнително потврдува дека Република Македонија и Република Хрватска делат исти цивилизациски вредности.
- Двете земји се свесни дека светскиот мир, демократијата и слободата немаат алтернатива. Практикувањето на тие универзални вредности во Југоисточна Европа како наш заеднички регион е од особена важност, рече амбасадорот Крамариќ.
Новонаименуваниот амбасадор на Република Хрватска изрази уверување дека Република Хрватска ќе продолжи да и дава на Република Македонија континуирана и силна поддршка во напорите за праведно решавање на недоразбирањето со името.
- Тука е впрочем и нашата недвосмислена поддршка за што поскоро пристапување на Македонија во НАТО, зошто членството во оваа воено политичка алијанса е силна гаранција за иднината на Вашата држава како европска земја, рече амбасадорот Крамариќ.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во своето обраќање истакна дека Република Македонија и Република Хрватска, граѓаните на двете држави, ги поврзуваат силни историски, културни и традиционално пријателски врски.
- Нас нè поврзуваат и идентичните определби за стабилност и просперитет на нашиот регион, неговата и нашата евро-атлантска сегашност и иднина. Токму поради ова Република Македонија посветува посебно внимание на негувањето и развојот на односите и соработка со Република Хрватска, рече македонскиот Претседател.
Претседателот Иванов ја изрази благодарноста за поддршката на Република Хрватска за напорите и активностите што ги вложува Република Македонија за што поскорешно приклучување кон Северноатлантската алијанса и ЕУ.
- Уверен сум дека градењето на добрососедски и пријателски односи, како и сестраната соработка меѓу нашите две земји, нашата силна посветеност на регионалните иницијативи, придонесува за јакнење на довербата и разбирањето, за зацврстување на стабилноста и безбедноста на регионот. Ова секако ќе придонесе и за негова забрзана интеграција во европските и евроатлантските структури, изјави Претседателот Иванов.

Новоименуваниот Шеф на Делегацијата на Европската Унија Питер Соренсен ги предаде акредитивните писма
Петок, 04 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. г-дин Питер Соренсен.

На средбата, Претседателот Иванов ја искористи можноста да му посака срдечно добредојде на Амбасадорот Соренсен. Претседателот оцени дека неговото богато искуство со регионот, вклучително и со Македонија, ќе бидат добра основа за успешна работа во Република Македонија. Според Претседателот Иванов, Македонија постигнала исклучителни успеси во мандатот на Амбасадорот Ерван Фуере, вклучително позитивна оценка од Европската Комисија за почнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, како и визната либерализација.


Претседателот Иванов истакна дека за Република Македонија, од есенцијална важност е скорешно исполнување на препораките на Европската Комисија, и на јасниот став на Европскиот Парламент, за отворање на  преговорите со Европската Унија. Претседателот истакна дека искуството со други држави-кандидатки за членство покажало дека водење на преговорите без застој е важно за одржување на реформската агенда.

Амбасадорот Соренсен искажа целосно разбирање за неопходноста Република Македонија да го продолжи својот интегративен пат. Во тој контекст нагласи дека на неговата мисија во Република Македонија гледа како на поддршка на таквите напори и изрази уверување дека ќе даде се од себе за натамошно приближување на европските вредности и критериуми кон македонското општество. Двајцата соговорници изразија целосна подготвеност за натамошна взаемна тесна и интензивна соработка на тој план.

Средба со началникот на Генералштабот на копнената војска на Обединетото Кралство, генерал сер Питер Вал
Среда, 02 Март 2011
 
Почеток < Пред 161 162 163 164 165 166 167 168 169 170 Следно > Крај
Страница 164 од 175