Џезот е отворена музика со многу изненадувања - Скопскиот џез фестивал одликуван со „Повелба на Република Македонија“
Понеделник, 26 Декември 2011   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес го одликува Скопскиот џез фестивал со „Повелба на Република Македонија“ за исклучителни резултати во тридецениското организирање на оваа врвна меѓународна музичко-сценска манифестација и за презентација на македонското и светското музичко творештво.

Врачувајќи го признанието, претседателот Иванов истакна дека џезот, со својата импровизација, креативност и инструментална посебност, е еден од меѓународните, универзални јазици кои ги поврзуваат луѓето и кој секогаш оди со стремежот кон слобода и чување на слободата.

„Џезот е отворена музика создадена за луѓе со отворени умови. Има и ритам и значење, но, пред сè, има многу интересни и забавни  изненадувања,“ нагласи претседателот Иванов потсеќајќи на непишаното правило дека во џезот „нема погрешни ноти“, со што стануваме свесни за речиси безграничните можности на звукот.

„Низ годините Скопскиот џез фестивал стана втор дом за многу светски познати џез легенди, како што се Реј Чарлс, Тито Пуенте, Орнет Колмен, Пет Метини, Вејн Шортер, Би Би Кинг, Чик Кореа, Мекој Тајнер, Херби Хенкок, Џо Завинул, Џон Меклафлин, Сесил Тејлор и многу други, но и отворена сцена за сè побројните македонски џез изведувачи,“ истакна претседателот Иванов, додавајќи дека оваа манифестација постојано ги надминува очекувањата.

Директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета, заблагорадувајќи се за признанието, посочи дека тоа за нив претставува поттик да продолжат и во четвртата деценија со истото ниво кое го имале досега.

„Ова е прва ваква награда што ја добива Скопскиот џез фестивал која ја примивме емотивно бидејки доаѓа во вистински момент, од вистинско место. Таа за нас е огромен стимул да продолжиме и во четвртата деценија на Скопскиот џез фестивал со исто така високото ниво кое го имавме досега, како во презентација на странски музичари, така и во стимулирањето на домашната џез музика,“ нагласи Белопета. 

Скопскиот џез фестивал започна во 1982 година во тогашниот Дом на младите „25 мај“, сегашен Младински културен центар. Оттогаш секоја година наесен Скопје е домаќин на великаните на светската џез музика.



  Back<<Назад