|
Средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Словенија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Словенија генерал-мајор Алојз Штеинер.
Водечка тема на разговор беше соработката на македонската и словенечката армија, како и можностите за нејзино проширување и унапредување. Соговорниците заклучија дека соработката помеѓу двете армии е на високо ниво, што се демонстрира и со билатералната воена вежба „Предизвик 2011“ која ќе почне утре на армискиот полигон „Криволак“.
Според началникот на ГШ на словенечката армија Штеинер, и двете војски се соочуваат со исти предизвици, како што е модернизацијата на армиите, и преку интензивната соработка која трае веќе 15 години, и двете страни имаат можност да разменуваат практики и искуства, но можат и многу да научат.
Претседателот Иванов изрази задоволство од силната поддршка на Република Словенија за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ, како и активното користење и промовирање на полигонот Криволак како Регионален центар за обука. Тој воедно изрази надеж дека соработката меѓу двете пријателски земји со несмален интензитет ќе продолжи и во иднина.
На средбата присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-мајор Горанчо Котески и министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими.
|