|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на пијанистот Симон Трпчески му ја додели титулата „Национален уметник на Република Македонија“. Ова признание во Република Македонија се доделува првпат.
На денешната свеченост претседателот Иванов посочи дека Трпчески преку клавијатурата ја прославил Македонија во светот, докажувајќи дека е земја на извонредни уметници. „Прогласувајќи го Трпчески за прв национален уметник, воедно ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и трајните вредности на музиката. Уметноста не препознава поделби и е најголемиот архитект на соживот и заедничката иднина меѓу народите и заедниците. Уметниците биле, се и ќе бидат најзначајните гласници на мирот, толеранцијата и разбирањето. Низ уметноста тие ги надминуваат сите граници и недоразбирања и невозможното го прават возможно,“ нагласи претседателот Иванов додавајќи дека со прогласувањето на Трпчески за национален уметник, ние всушност го праќаме во мисија на поврзување и градење пријателства во Македонија, но и меѓу земјата и светот. „Македонија е мајка која отсекогаш давала големи луѓе кои го менувале светот, кои просветлувале, создавале и оставале трајни вредности. Горди сме што еден од тие големи синови на Македонија е нашиот драг Симон Трпчески,“ додаде претседателот Иванов. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека со оваа титула, по примерот на многу држави од Европа и светот, трајно се вреднува и бележи влогот на Трпчески кој остварил врвна комуникација со културните случувања насекаде, притоа не заборавајќи ја Македонија, своите македонски корени и својата публика. Трпчески наградата ја посвети на своето семејство. Во жешкиот месец август, како што рече во своето обраќање, бил дома и многу вежбал. „Колку само пот се излева во таква макотрпна работа за едно уметничко дело да излезе на виделина, пред илјадиници луѓе со голема одговорност, но и гордост. Не беше ни малку лесен мојот пат да стигнам до ова. Низ трње до ѕвездите. Растев во скромно семејство, во топла атмосфера, во многу тесен простор, опкружен со најшироките срца на светот, со многу љубов и песна. Мојот музички талент го наследив од мојот татко, тој беше оној кој најмногу веруваше во мојот успех и од самиот почеток визионерски ги предвидуваше работите. Затоа и со таков жар се трудеше да ми овозможи да напредувам. Оваа награда всушност би била негова огромна сатисфакција,“ истакна Симон Трпчески.
|