|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска беше одликуван со највисокиот орден на Редот „Свети Лазарус“ од Ерусалим.
Денешниот чин го сметам за гест на големо признание. Македонија е древна земја, земја од дамнина посветена на Бога, во која живеат и се негуваат вистинските вредности, истакна претседателот денеска по доделувањето на орденот. Претседателот Иванов изрази благодарност од посветеноста на Редот на „Свети Лазарус“ во негувањето на заедничките вредности. Денешната чест ја сметам како залог и јас, лично, и мојата земја да се приклучиме на негувањето на ова братство на искрени пријатели и на вредностите кои нè прават вистински луѓе, нагласи македонскиот претседател.
Дон Карлос Гереда де Борбон од Редот на „Свети Лазарус“ предавајќи му го орденот на Претседателот Иванов изрази задоволство што е во Македонија веднаш по прославата на 20-годишнината од независноста на државата. Со отворањето на нашето претставништво во Македонија, Вашата држава ќе биде една од позначајните мисии во светот, рече Гереда де Борбон. Тој потсети дека Редот на „Свети Лазарус“ потекнува од 11-от век. Постоиме 900 години и нашата цел е да му помагаме на народот. Нашиот ред е стар, но и модерен. Во 13-от век дозволивме жени да станат членови и со тоа сме значи модерни и пред времето. Од 18 -от век почнавме да примаме членови од редот на ортодоксните христијани, протестанти, католици и со тоа сме посебни, рече Дон Карлос Гереда де Борбон и додаде дека нивниот Ред се шири брзо во светот од Австралија, Канада, Јапонија, Индонезија...
Претседателот Иванов им се заблагодари на Лазар Лазаров, Илија Џонов, Ѓоко Динев, Петар Ѕалев, како и на останатите истакнати членови на Редот на „Свети Лазарус“ од Ерусалим во Македонија.
Редот „Свети Лазарус“ од Ерусалим е еден од најстарите редови во христијанството во кои членуваат претседатели на држави, влади, кралски семејства и интелектуалци од целиот свет.
|