Претседателот ги посети опожарените места во близина на Битола
Понеделник, 22 Август 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги посети опожарените подрачја во битолскиот регион, во придружба на градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Тој се сретна и со жителите на селото Ротино, чии куќи се најдоа во голема опасност при избувнувањето на пожарите. 

„За пофалба е што градоначалникот, заедно со сите надлежни институции и со помош на АРМ, реагираа ефикасно и го локализираа пожарот навреме. Им честитам на сите ангажирани лица и на локалното население кое соработуваше за заштита на имотите и природата, помагајќи она што сме го наследиле од претходните, да се зачува за идните генерации,“ изјави претседателот  Иванов.

Задоволен од интервенцијата на гаснење на пожарите во Националниот парк Пелистер, претседателот Иванов истакна дека пожарите се проблем кој не познава државни граници, заради што е потребен регионален пристап.

„Со хеликоптерот и со авијацијата што сега ја имаме за гаснење пожари покажавме како треба да реагираме секогаш кога има вакви непогоди. На средбите со претседателите од регионот ова прашање го поставуваме на регионално ниво, затоа што пожарите, поплавите, земјотресите не почитуваат државни граници. Мора да гледаме од поширок контекст, затоа што се случува понекогаш од другите држави кај нас да се пренесуваат пожари и поплави. И затоа, не треба да размислуваме само на микро план во справувањето со риродните катастрофи, туку да размислуваме и на регионален план,“ изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески го информираше претседателот Иванов дека сестраната поддршка на локалната самоуправа придонела за поефикасно дејствување и гаснење на пожарите. Тој очекува наскоро со поконкретни податоци да се произнесат надлежните институции кои вршат истрага за предизвиканите пожари, за кои е извесно дека причина е човечки фактор, а од кои викендов во Националниот парк Пелистер изгореа 400 хектари борова и моликова шума.
 

  Back<<Назад