|
Средба со претставници на Влашката заедница во пресрет на 23 Мај – Националниот ден на Власите
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на 23 Мај – Националниот ден на Власите, денеска ги прими претставниците на Влашката заедница во Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења за состојбата на Влашката заедница во Република Македонија, во контекст на остварување на нивните права, како и за нивното активно учество во севкупниот политички и општествен живот во Република Македонија. Претседателот Иванов ги поддржа активностите на Влашката заедница, нивната конструктивност на политичката сцена, и ги поздрави нивните залагања за промовирање на влашката култура, јазик и традиција во Република Македонија. Претставниците на Влашката заедница се заблагодарија на македонскиот претседател за неговата посветеност кон рамноправноста на сите етнички заедници во Република Македонија, и изразија задоволство од неговиот ангажман во градење на мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско демократско општество.
На средбата, претставниците на Влашката заедница ги искажаа и нивните видувања околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, при што соговорниците се согласија дека е неопходна одговорност од сите политички фактори во државата и што поскоро надминување на политичката криза во земјата, со цел Република Македонија да продолжи со реформскиот процес и исполнување на европските и евроатланските аспирации.
Претседателот Иванов им го честиташе Националниот ден на Власите, порачувајќи им дека Власите отсекогаш биле општествено ценети и лојални граѓани, и ги охрабри и во идната да продолжат со активности кои значат придонес во градењето на македонскиот модел на соживот.

|