|
Средба на претседателот Иванов со помошникот Генерален секретар на ОН за човекови права
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со г-дин Иван Шимоновиќ, помошник Генерален секретар на Обединетите нации за човекови права.
На средбата, беа разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за активностите кои се преземаат со цел нејзино надминување.
Претседателот Иванов ја потенцираше важноста од нормализирање на политичкиот дијалог, и решавање на сите предизвици во рамки на институциите и согласно Уставот и законската легислатива. Во тој контекст, беше посочено дека долготрајниот бојкот на институциите, долгото отсуство на политички дијалог, не се одразува добро на демократијата и не e во интерес на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија.
Помошник Генералниот секретар на ОН изрази загриженост за случувањата во Куманово, ја потенцира неопходноста од кредибилно, професионално и транспарентно делување на сите институции и политички фактори, а истовремено го поздрави отпочнувањето на политичкиот дијалог под покровителство на Европската унија, а со цел надминување на политичката криза.
Воедно, македонскиот претседател потенцираше дека во оваа ситуација е потребно одговорно однесување на сите општествени фактори и ги реафирмираше заложбите на Република Македонија за почитување на човекови права и принципот на владеењето на правото.
На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во регионот, како и за почитувањето на човековите права во регионален контекст.
|