Официјална посета на Република Србија
Среда, 20 Октомври 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна официјална посета на Република Србија. На денешната средба со Претседателот на Република Србија Борис Тадиќ, Претседателот Иванов го отвори прашањето за досиејата од белградските архиви што на Македонија и се потребни за спроведување на процесот на лустрација. Претседателот Иванов побара во рамки на процесот на сукцесија и преку соодветни процедури, Србија да даде поддршка во остварувањето на актуелните процеси во Македонија.

Го отворивме прашањето кое за нас во Македонија е многу актуелно особено во делот од сукцесијата на заедничките архиви за да можат нашите надлежни институции да се обратат согласно принципите на сукцесијата до органите во Србија каде што се архивите од заедничката држава. Така ќе можат да ги користат како документи кои се неопходни во одредени актуелни процеси во нашата држава, изјави Претседателот Иванов по средбата со Претседателот Тадиќ.

Двајцата претседатели оценија дека односите меѓу Република Македонија и Република Србија се добри и пријателски и покрај различните ставови во оснос на Косово и нерешениот спор меѓу Македонската и Српската православна црква. За несогласувањата меѓу двете цркви, повторија дека тоа е црковно прашање, но најавија помош во насока на овозможување амбиент за негово разрешување. Приоритет на Белград и на Скопје, како што истакнаа, останува европската интеграција и во тој процес меѓусебно ќе си помагаат.

Тоа што е до нас треба да се обидеме да го решиме. Ќе се залагаме Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, а за Србија да се одблокира апликацијата за кандидатски статус, изјави Претседателот Тадиќ, посочувајќи дека со Претседателот Иванов имале сериозен дијалог за европските перспективи.

Двајцата претседатели апелираа македонското национално малцинство во Србија и српското во Македонија, на следните пописи да се изјаснат слободно и ги поддржуваат во нивните активности за лојалност кон државите во кои живеат, но и почитување на сопствениот идентитет. Излегоа и со конкретни предлози за  заштита на културно историското наследство во двете држави. Во тој контекст Претседателот Тадиќ нагласи дека треба да се создаде можност за одбележување на 2 Август во манастирскиот комплекс Прохор Пчински.

Претседателите Иванов и Тадиќ се заложија и за поинтензивна економска соработка и го истакнаа значењето на довршувањето на Коридорот 10 од економски, но и од политички аспект.

Дводневната посета на македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов на Република Србија почна со официјален пречек пред Палатата Србија. По средбата со Претседателот Тадиќ, Претседателот Иванов оствари средби со српскиот премиер Мирко Цветковиќ и со претседателката на Народното Собрание на Србија Славица Ѓукиќ Дејановиќ.

Претседателот Иванов на вториот ден од официјалната посета на Република Србија оствари средба со претседателот на опозициската Српска напредна партија Томислав Николиќ. На средбата се разговарало за севкупната соработка меѓу двете земји, кои и покрај фактот што имаат различни позиции по одредени прашања, треба да имаат тесна севкупна соработка. Генерална оценка од средбите со сите соговорници е дека различните позиции никако не смеат да бидат пречка за натамошна соработка.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари средба и со претставници на Националниот совет на македонското национално малцинство и ја посети подружницата на фармацевтската компанија „Алкалоид“ во Белград. Претседателот Иванов официјалната посета на Република Србија ја заокружи со средба со професори од Факултетот за политички науки во Белград.

  Back<<Назад