Јубилеј на Регионалната развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА
Сабота, 16 Октомври 2010   

На покана на Регионалната развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА, денеска во Битола престојуваше Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој одржа поздравно обраќање посветено на  јубилејот на оваа фондација која десет години дејствува  во полза на економскиот развој на тамошните општини.

ПРЕДА е одличен пример на соработка меѓу државата, граѓаните и бизнисот. На приватно-јавно партнерство во кое и државата и невладиниот сектор и стопанствениците инвестираат и работаат за општото добро. Токму затоа улогата на државата не е да се меша во бизнисот, туку да создава поволни услови за економски развој. Да гради патишта за внатрешна и надворешна економска соработка. Затоа, на сите мои официјални посети ме придружуваат и претставници од македонскиот бизнис сектор, посочи Претседателот Иванов на денешната свеченост на „ПРЕДА“ - фондација чие работење е поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка. Претседателот Иванов  за посебно важна и добра ја оцени соработката меѓу Македонија и Швајцарија.

Швајцарија е земја која со нас ги споделува вредните искуства за локалната поврзаност. Земја предводник на полето на локалниот ангажман кој резултира со економски успех. Десет годишното партнерство е доказ на взаемната посветеност на Република Македонија и Швајцарската Конфедерација кон социо-економскот развој на пелагонискиот регион, подвлече претседателот Иванов.

На свеченоста во Битола, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија Никол Вирш потврди дека со нивна поддршка „ПРЕДА“ успеала да обучи околу 1.000 професионалци и да овозможи 38 претпријатија од пелагонискиот регион да се претстават на саеми во Европа и затоа и во иднина ќе се фокусираат на проекти од областа на економијата.

Десет годишнината од формирањето на Регионалната развојна агенција на Пелагонија - ПРЕДА беше одбележана во присуство на министерот за одбрана Зоран Коњановски, градоначалниците од Пелагонискиот регион, ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и претставници на граѓанскиот сектор.

  Back<<Назад