Претседателот Иванов ја одликува НУБ „Св. Климент Охридски“ со „Орден за заслуги за Македонија“
Петок, 05 Декември 2014   

nub01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ја одликува Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски" - Скопје, со „Орден за заслуги за Македонија", по повод 70-годишнината од нејзиното формирање.

Одликувањето се доделува за исклучителни резултати во својата седумдецениска работа во собирањето, зачувувањето и презентирањето на македонското духовно творештво, со што даде значен придонес во развојот на образованието, науката и културата, како и за севкупниот општествен развој на Република Македонија и нејзина афирмација во светот.

„Во изминатите 70 години, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски" беше трезор на нашето културно наследство, родилиште на идеите, духовна хранителка на македонското општество и мотор за интелектуален и севкупен економски развој на Република Македонија. Како што без библиотеката немаме минато, така, без неа немаме ниту иднина", рече претседателот Иванов.

nub02„Во последниве децении и години, библиотеката започна да се реформира, да се вмрежува и дигитализира. Ограничувањето на физичкиот простор се надминува со поврзување кон неограничениот виртуелен простор. Библиотеката се прилагодува кон потребите на корисниците. Започна да чекори кон она што значи успешна и одржлива библиотека на 21 век. Затоа овој Орден за заслуги за Македонија е благодарност што библиотеката ја зачува нашата слобода. Но, истовремено, овој Орден создава обврска. Обврска да се продолжи кон остварување на целта: Библиотеката да биде место каде читањето, истражувањето и извонредноста се поттикнати преку привилегиите што и се даваат на љубопитноста", рече претседателот Иванов на свеченоста.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека НУБ е матица на нашето пишано богатство и чува вредни артефакти кои говорат за нашето потекло и идентитет.

„Овој храм на знаењето чува многу вистини, почнувајќи од фрагментот од посен триод од 13 век, како најстар зачуван ракопис од старословенскиот период, до останатите книги и ракописи кои се тешки цели векови и кои се непроценливи записи за историјата на македонскиот јазик и македонскиот народ", рече министерката Канческа-Милевска.

Таа ги спомна капиталните книжевни проекти на НУБ во изминатите години, нејзината меѓународна соработка со сродни институции во светот и потсети на проектот на Владата на РМ и Министерството за култура „Дигитална библиотека - доградба на НУБ „Св. Климент Охридски" со кој, како што рече, му се обезбеди долговечност на вредното книжевно богатство што го поседува Република Македонија.

За Орденот се заблагодари директорот на НУБ, Иван Заров кој истакна дека во градењето на оваа национална установа низ седумте децении постоење се заслужни генерации македонски интелектуалци и неговите претходници кои биле на чело на институцијата.

nub03„За нас оваа награда е големо признание за улогата и високото место кое Библиотеката веќе седум десетлетја го зазема во Пантеонот на македонската култура и е внедрена во фундаментите на општествениот, културниот, научниот, интелектуалниот подем на македонската држава. Таа ја сублимира целокупната колективна меморија на нашиот народ, неговиот дух и достојно место во современата заедница на народите", рече Заров.

НУБ „Св. Климент Охридски" е формирана на 23 ноември 1944 година. По повод 70-годишниот јубилеј и патронатот, во НУБ е отворена изложба „Од ризницата на НУБ", на која е презентиран дел од богатството на Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски. Беа промовирани и изданија по повод јубилејот и доделени награди на претходни директори на НУБ, вработени во Библиотеката и на личности кои придонеле за нејзиниот развој.

nub04

  Back<<Назад