|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска престојуваше во посета на општина Ново Село, по повод одржувањето на спортско културната манифестација „Традиционални спортски игри - Спортски Бон-Тон". Во рамки на посетата, претседателот Иванов и неговата сопруга г-ѓа Маја Иванова, во пресрет на 20 Ноември, Меѓународниот ден на детето го посетија ПОУ „Св. Климент Охридски", наменето за деца со посебни образовни потреби.
„Со кампањата Бон тон, настојуваме децата да ги осознаат оние традиционални игри кои што ги практикувале нивните родители, нивните предци, и да им овозможиме колку што е можно повеќе да комуницираат и да се дружат меѓусебе, бидејќи современиот живот носи предизвици во кои децата се сѐ повеќе затворени, не комуницираат. Преку овие традиционални игри, децата се запознаваат меѓусебе, а тоа очигледно им причинува и ним задоволство, рече претседателот Иванов.
Во пресрет на утрешниот, Меѓународен ден на детето, заедно со мојата сопруга, претставникот на УНИЦЕФ, и претставници од локалните власти, го посетивме и училиштето за деца со посебни потреби, да видиме со што сѐ се соочуваат, бидејќи знаеме дека современиот живот носи предизвици, кои што налагаат сосема поинаков приод", истакна претседателот Иванов, додавајќи дека имале можност да ги слушнат заклучоците и констатациите на педагозите и дефектолозите. Заклучоци, кои, како што изјави македонскиот претседател, ќе бидат доставени до надлежните институции, за да се посвети поголемо внимание на овие деца.
Координаторот на проектот Спортски Бон-Тон, Иван Анастасовски, изјави дека се направени одредени истражувања, со цел да се интегрираат децата со посебни потреби, заедно со децата кои што се веќе вклучени во проектот Спортски Бон-Тон. - Ова ќе овозможи да можеме да понудиме адаптибилна програма за физичко образование на лицата со посебни потреби, програма која што потоа би се вклучила во регуларното основно образование во Република Македонија", рече Иван Анастасовски.
Градоначалникот на Ново Село, Блажо Велков, изрази задоволство што денеска неговата општина беше домаќин на спортско културната манифестација, заблагодарувајќи се за присуството на претседателот Иванов, г-ѓа Маја Иванова и на претставниците од УНИЦЕФ, кои што денеска, во пресрет на 20 Ноември, Меѓународниот ден на детето, одблиску се запознаа со предизвиците на учениците од основното училиште „Св. Климент Охридски".

|