|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид, на плажата на хотелот „Инекс Горица", присуствуваше на церемонија на која што му се додели „Бело Знаме", како симбол на чисто и еколошки третирано крајбрежје на тој дел од Охридското езеро.
Претседателот Иванов, обраќајќи се пред присутните на церемонијата на која му беше предадено „белото знаме", истакна дека ова е уште едно признание за Охрид кој веќе се наоѓа на светската мапа по својата чистота, сето она што ни го дала природата, а нашите предци ни го предале нам да го чуваме за идните поколенија.
„Ова што денеска се случи во Охрид е на некој начин апел до сите да се грижат за водите, не само во Македонија туку во целиот свет, имајќи предвид што значи чистата вода за човештвото...Нека биде ова мотив не само делови од крајбрежјето на Охридското Езеро да ги чуваме од загадување, туку да се грижиме за него во целина и да го зачуваме за во иднина", истакна претседателот Иванов.
Проектот се спроведува во организација на Глобалното здружение за подигање на свеста за подводниот свет (ГУВАА), непрофитно еколошко здружение со седиште во Норвешка, кое цели кон чистење на морињата, реките и езерата, како и кон подигање на свеста за последиците од загадувањето на водите, поголема еколошка одговорност и акција.
Претседателот на ГУВАА Кристијан Цуревиќ, говорејќи за значењето на првото бело знаме во Македонија, истакна дека се работи за единствен симбол во светот што означува чистота на водите.
„Белото знаме денеска оди во четири држави, а Република Македонија е една од тие први држави вклучени во оваа кампања. Навикнати сме речиси секогаш да ги следиме светските трендови во областа на екологијата, овојпат од нашите простори создадовме симбол што ќе го следи целиот свет. Белото знаме не може да се купи, тоа мора да се заслужи“, истакна Цуревиќ.
„Јас се сеќавам дека кога бев дете не постоеше флаширана вода, постоеше само вода од чешма која беше многу чиста.За време на мојот живот почнавме да пиеме вода од пластика,а којзнае за животот на нашите деца што се ќе следи", изјави гитаристот Влатко Стефаноски, кој воедно е и амбасадор на организацијата за Република Македонија.
„Белото знеме" како симбол првпат е поставено во Монако, Франција, а во регионот слични манифестации се одржани во Словенија, Хрватска и БиХ. Глобален амбасадор на ГУВАА е актерот Арманд Асанте.
|