Честитка по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Вторник, 28 Септември 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците ја упати следната честитка до припадниците на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани припадници на Бошњачката етничка заедница,

Дозволете ми во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија да Ви го честитам 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.

Историското присуство на бошњачката заедница во Република Македонија, како и секојдневниот придонес што Бошњаците го даваат во сите сфери на животот, се значаен сегмент во физиономијата на Република Македонија како мултиетничко општество во кое толеранцијата и дијалогот како универзални вредности имаат длабока традиција.

Како држава остануваме посветени на целта да го овозможиме развивањето и унапредувањето на бошњачката култура и традиција, како и на сите култури и традиции во Република Македонија. Посветени сме и на целта сите наши граѓани, Бошњаците и припадниците на сите други етнички заедници, да можат во Македонија да гледаат како на место во кое можат лично да напредуваат и успеат. На овој ден, можеме да кажеме дека заедно чекориме водејќи ги нашите идни генерации кон иднина на просперитет и мир.

Нека Ви е честит големиот празник.

  Back<<Назад