|
Честитка по повод празникот Јом Кипур
|
|
Сабота, 18 Септември 2010
|
|
|
По повод празникот Јом Кипур, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја испрати следната честитка до г-ѓа Бјанка Суботиќ, Претседател на Еврејската Заедница на Македонија, како и до сите припадници на еврејската заедница во Македонија. Почитувани, Дозволете ми во мое лично име и во име на сите граѓани на Република Македонија да Ви го честитам денешниот голем празник, Јом Кипур. Се надевам дека овој свет период во годината ќе Ви донесе мир, љубов и среќа, и дека благословот на празникот ќе Ве затекне во кругот на Вашите најблиски. Деновите посветени на пост и оживувањето на традицијата, особено во пресрет на предизвиците кои ги носи денешниот начин на живеење, се исклучително важни за зачувувањето на чувството на душевен мир, но и како можност да одиме напред во иднината со помош на искуството кое ни го носат безбројните генерации пред нас. Хармоничниот спој на минатото и на иднината кој толку силно се чувствува на деновите посветени на Господ, е важен за секој нас поединечно, но и за цврстината на нашите заедници и на општеството во целина. Република Македонија се чувствува благодарна за богатството на верските и етничките традиции на нејзините граѓани, меѓу кои особено значаен е придонесот на еврејската заедница. Горди сме што можеме да Ви го честитаме празникот Јом Кипур, и да славиме заедно со Вас, како што доликува на нашата традиција на прифаќање и соработка. Уште еднаш, за многу години нека ни е денешниот празник.
|