Средба на Претседателот Иванов со амбасадорот Метју Нимиц
Понеделник, 20 Септември 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Њујорк имаше средба со посредникот на Обединетите Нации во разговори за надминување на спорот кој Република Грција го поставува во врска со името на Македонија.
- Има зголемено чувство на доверба дека проблемот може да биде решен со дијалог на многу високо ниво, меѓу водствата на двете земји. Тоа е многу позитивен развој. Чувствувам дека страните сега зборуваат меѓу себе за работи кои се во рамки каде може да се видат некои очекувања дека евентуално може да се најде решение на овој проблем, изјави амбасадорот Метју Нимиц по средбата.
Македонскиот претставник во рагзоворите за името амбасадорот Зора Јолевски, изјави дека претседателот Иванов го информирал Нимиц за позицијата на Република Македонија при што ја истакнал определеноста и посветеноста на земјата за што побрзо изнаоѓање заемно прифатливо решение кое ќе го заштити дигнитетот на македонските граѓани.
Прашан дали нивото на доверба е доволно двете страни да најдат решение до ноември или декември, Нимиц со одговор дека не сака да дава претпоставки зашто според него наметнати рокови никогаш не се добри за ваков тип на преговори.
- Тие создаваат лажни очекувања и непотребни разочарувања ако се промашат и затоа не би зборувал за рокови. Би рекол дека работејќи на ова прашање долги долги години, ми се чини од 1994 година, сигурно гледам дијалог кој ми дава реалистични очекувања дека проблемот овде може да дојде до заемно решение во кое двете страни ќе чувствуваат дека постигнале национални цели и ќе ја заштитат националната гордост на двете страни, изјави медијаторот.
Истакна дека на средбата не излегол со нов предлог и оти се разговарало за текот на процесот.
- Не давам нови предлози. Во текот на годините дадов предлози до страните. Тие никогаш не беа во целост задоволителни, но за некои од идеите мислам дека вредеше што разговаравме за нив, затоа се чувстувам позитивно во тој правец. Да дозволиме процесот да продолжи и да видиме како ќе се развива - рече Нимиц.

  Back<<Назад