|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, придружуван од Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, денеска беше во посета на Центарот за обука на вода во Охрид, каде се спроведуваат подготовки за воено-показната вежба што на 16-ти овој месец ќе се изведува на Охридското Езеро.
При посетата претседателот Иванов се запозна со капацитетите, работата и извршувањето на задачите на овој центар, и се сретна со припадници на полкот за специјални операции на АРМ кои изведуваат обука во Центарот за обука на вода.
Тука ги видовме сите услови што ги нуди кампот за обуките потребни за припадниците на АРМ, што ги исполнуваат сите НАТО стандарди за обука, особено на специјалните сили и нивна подготовка за изведување соодветни активности, рече претседателот Иванов.
Самата вежба е предвидено да се одржи на 16-ти овој месец во водите на Охридското Езеро кај Радожда, во која покрај редовните единици ќе биде вклучен и Полкот за специјални операции.
„На вежбата ќе се демонстрира подготвеноста на Армијата за дејствување и реакција во специфични услови и активности на вода. Тоа е еден вид подготовка и тренинг за реакција на Полкот со соочување со какви било предизвици", истакна претседателот Иванов.
На новинарско прашање во врска со протестите за пресудата за случајот „Монструм" и повеќекратното убиство кај Смилковското Езеро, претседателот Иванов изјави дека протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира.
„Денониве сум постојано во контакт со сите надлежни институции кои ги спроведуваат сите активности поврзани со тие насилни протести. Во координација сме за сите активности што се превземаат. Исто така нашите служби објективно и одговорно си вршат својата работа и ги доставуваат сите анализи, така што јавноста веројатно во догледно време ќе биде запознаена со сите анализи што се направени за овие настани. Инаку протести се дозволени секаде меѓутоа насилство никаде не се дозволува и никаде не се толерира, и затоа надлежните институции превземаат се да се спречат насилствата. Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Секој што се сомнева во било која активност или дејствие на некоја институција може преку регуларен, пропишан пат тоа да го оствари. Тоа и се однесува за пресудата, да го оставиме судот за тоа кога ќе дојде во апелација сите што сметаат дека можат да придонесат со нивно сознание да влијаат, ако сметаат, ако нешто не е правно, тоа можат по правно регулиран пат да го остварат. Меѓутоа насилство секојпат се осудува и секој е против било какво насилство за да се остваруваат одредени цели. Гледаме деновиве дека едните исти лица кои сакаат да ловат во матно, сакаат дневно политички поени да освојуваат, ја користат вознемиреноста кај населението. Им порачувам дека оваа држава има институции кои функционираат и кои се справуваат со сите предизвици кои постојат. Деновиве јас бев често меѓу граѓаните, особено во западниот дел на Македонија, сакав да остварам личен контакт со нив, ја почувствував нивната вознемиреност и реагирав директно преку разговори и упатувања за сето она што се случува. Имало и ќе има такви настани, меѓутоа не смееме да создаваме кај населението страв и недоверба во институциите. Тие ја дале довербата во нас кој не избрале и ние сме одговорни пред нив да ги превземаме сите активности, за да не дозволиме да се случуваат насилни акти во државата", изјави претседателот Иванов
На новинарско прашање, во однос на реакцијата на одредени кругови од политичката јавност во соседство, претседателот Иванов упати дека претходно треба да се имаат сите сознанија па да се даваат какви било реакции.
"Веќе имаше изјава за тоа и беше упатено дека треба да се имаат сите сознанија па да се даваат такви изјави. Знаете каква е состојбата во Косово и со такви акти особено со палењето на знамето тие повеќе си наштетуваат на себе затоа што сликата за Косово, ја пренесуваат со палењето на знамето, а сите знаат што се Македонија направи да помогне за Косово да ја оствари својата држава, така да тоа им оди на нивна штета и секое нивно превземање на такви насилни акти ќе се одразува и на нивната претстава како ќе ги гледаат во светот", изјави претседателот Иванов.

|