Одбележана 1000 - годишнината од основањето на манастирот Свети Јован Претеча, од смртта на Цар Самоил и од постоење на селото Слепче
Понеделник, 07 Јули 2014   

slepce1Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со своето семејство, денеска присуствуваше на отворање на манифестацијата организирана по повод милениумскиот јубилеј „1000 години од основањето на манастирот Св. Јован Претеча, од смртта на Цар Самоил и од постоење на селото Слепче ".

Пред присутните гости, меѓу кои и претседателот на МАНУ Академик Владо Камбовски и амбасадорот на Унгарија Јожеф Бенце, градоначалникот на општина Демир Хисар Љупчо Блажевски посочи дека националната милениумска прослава е во чест на големиот јубилеј, илјадагодишнината од постоењето на познатата демирхисарска населба, селото Слепче.

„Денешниот настан ја симболизира длабочината на темелите на нашата опстојба, срцевината на тоа што почнало да живее пред 1000 години. Денес се одбележува еден милениум на едно од најголемите македонски духовни и просветителски светилишта манастирот „Св.Јован Претеча", но и се чествува милениумот од смртта на еден од најголемите македонски цареви Цар Самоил. На оваа ретка милениумска прослава може да позавидат и многу поголеми цивилизации и затоа од тука испраќаме силни пораки до светот за длабочината и крошноста на корените на ова парче македонска земја", рече пред присутните градоначалникот Блажевски.

slepce2Според академик Владо Камбовски, одбележувањето на 1000 годишнината на едно од најдраматичните места во нашата колективна меморија, не може да не предизвика возвишен восхит од големото чудо што се нарекува Македонски народ.

„Слепче не е метафора за пораз, туку за плодотворна борба за изразување на македонската национална самобитност длабоко вгнездена во колективната меморија која е есенција на нашиот национален идентитет. Тоа е аманет, македонскиот националнен идентитет да се чува и надоградува како сеопшто народно наследство, како народна обичајност и културна вековитост. Затоа нека е вечно паметењето на Слепче и на величествениот народен подвиг рамен на чудотворно, национално, културно воскресение", порача академик Камбовски.

Во уметничкиот дел на програмата, духовна порака до Европа и Светот од Демир Хисар во име на актери од Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Грција, и од Македонија, прочита Раде Шербеџија. За гостите од државата и странство актери на битолскиот театар го изведоа рециталот „Херувимите на самоиловата круна" од авторот Зоран Пејковски.
slepce3

  Back<<Назад