Пристигнати честитки по повод Осми септември (САД, Германија, Италија, Грција...)
Среда, 08 Септември 2010   

По повод празникот 8 септември, Денот на независноста на Република Македонија, Претседателот д-р Ѓорге Иванов доби честитки од голем број шефови на држави од светот.
Во својата порака, Претседателот на Соединетите Американски Држави Барак Обама ги испраќа своите честитки до граѓаните на Република Македонија. Македонија е ценет партнер на Соединетите Држави, и ние го вреднуваме македонскиот придонес кон светската безбедност. Ја поддржуваме Македонија која продолжува на реформскиот пат и се движи кон интеграција во евро-атланските институции. Верувам дека нашето партнерство дополнително ќе се засили и продлабочи како што ја продолжуваме нашата соработка за да оствариме толеранција, мир и просперитет за да го унапредиме човековото достоинство – пишува во пораката од Претседателот Обама до Претседателот Иванов.
Германскиот Претседател Кристјан Волф во својата честитка по повод 8 Септември упатена до Претседателот Иванов порачува – Доближувањето на Вашата земја до евроатланските структури претставува голем предизвик кој бара готовност за реформи и политичка далекувидност. Препораката на Европската Комисија за отпочнување на преговорите за членство е важен успех.
Претседателот на Република Италија Џорџо Наполитано  истакнува дека Италија останува убедена дека комплетното вклучување на западниот Балкан во процесот на евро-атланската интеграција е суштински услов за реализирање на главната цел – стабилност и економски и социјален развој на регионот. Убеден сум дека во рамките на заедничката евро-атланска припадност нашите веќе плодни билатерални односи ќе можат дополнително да се развиваат, вели Претседателот Наполитано.
Претседателот на Република Грција Каролос Папуљас упати честитка по повод 8 Септември во која се вели - По повод националниот ден на Вашата држава, би сакал во име на грчкиот народ и во мое лично име да Ви ги упатам моите најдобри желби за просперитет, благосостојба и напредок на поранешната Југословенска Република Македонија и нејзиниот народ.
Далиа Грубаускатие, Претседател на Република во своето писмо вели дека Литванија силно ги поддржува македонските аспирации за полноправно членство во европските и евро-атланските структури и се надеваме дека Вашата земја ќе направи голем чекор кон оваа цел во текот на годинава. Сакам да останете центар на европските вредности и пример за кохезивно мултиетничко општество за целиот регион и Европа.
Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина Харис Силајџиќ изразува убеденост дека односите меѓу двете земји ќе се развиваат кон нашата заедничка цел, изградбата на европската иднина на нашите држави, пријателство, соработка, добрите билатерални односи и стабилност во регионот.
Во честитката од Мишел Жан, Генерален Гувернер на Канада, се изразува надеж дека ќе продолжи соработката на Македонија и Канада за мир и напредок на целиот регион.
Квентин Брајс, Генерален Гувернер на Комонвелтот Австралија вели дека ја поздравува соработката на највисоко ниво меѓу двете држави, меѓусебните посети меѓу пратеници и функционери од Македонија и Австралија, како и иницијативите за засилена соработка во областа на науката и образованието.
Кралот на Саудиска Арабија Абдула бин Абдулазиз ал Сауд и принцот Султан бин Абдулазиз ал Сауд во своите честитки до Претседателот Иванов искажуваат желби за напредок и просперитет за Македонија во иднината.
Асиф Ал Зардари, Претседател на Исламска Република Пакистан, по повод 8 Септември упати топли поздрави со желба за просперитетна иднина за граѓаните на Република Македонија.

  Back<<Назад