|
Средба со вицепремиерите Ставревски и Наумовски и министрите Милошоски и Маневски
|
|
|

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес имаше средба со Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии Зоран Ставревски, Заменик претседателот на Владата Васко Наумовски, Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и Министерот за правда Михајло Маневски. Средбата беше дел од разговорите кои Претседателот Иванов ги организира во пресрет на посетата на Брисел на 9 и 10 септември, каде Претседателот ќе оствари средби со високи претставници на раководството на Европската Унија. Предвидено е Претседателот да одржи повеќе други средби со надлежни функционери од извршната и законодавната власт. Тема на денешната средба на Претседателот со членовите на Владата беа активностите и постигнувањата во врска со реформите кои Република Македонија ги врши во рамките на евро-атланските интеграции. Конкретни области кои беа разгледани на средбата се текот на реформите во судството, проектите за енергетско и инфраструктурно поврзување на Република Македонија, плановите за реформи во јавната администрација и реформите во сферата на економијата со кои беше оценето дека Македонија го има достигнато статусот на функционална пазарна економија. Претседателот Иванов изрази задоволство од текот на активностите за хармонизација на законодавството на Република Македонија, во повеќе сфери, со европското законодавство, за кое оцени дека во голема мерка ќе помогне при побрзо спроведување на преговорите за полноправно членство со Унијата. Претседателот оцени дека сите преземени мерки и активности придонесуваат кон исполнување на условите за почнување на преговорите со Унијата, што беше одбележано и во минатогодишниот извештај за напредокот на Европската Комисија. На средбата беше истакнат позитивниот ефект кој почнувањето на преговорите за членство во Унијата ќе го има врз реформските процеси во Македонија. Претседателот на средбата ги поздрави најавите за измена на некои политички одлуки кои можеа да придонесат за претставување на поинаква слика за Република Македонија пред институциите на Европската Унија. Посетата на Брисел, Претседателот Иванов ќе ја искористи за објективно претставување на состојбата во земјата и стореното од страна на Република Македонија. Претседателот, воедно, во текот на посетата ќе се концентрира на придобивките кои Македонија, но и Европската Унија, ќе ги имаат од забрзување на процесот на интеграции во регионот на Југоисточна Европа.
|