|
Молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим
|
|
|
Македонската државна и црковна делегација, предводена од претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска се поклони на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент" во Рим.
Со молебенот на гробот на сесловенскиот просветител чиноначалствуваше митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.
На чествувањето на свети Кирил во базиликата Свети Климент присуствуваа и повеќе од 300 верници од црковните општини на македонската дијаспора во Италија. Нивниот број секоја година се зголемува, со што покрај од државната делегација празникот се одбележува од целиот македонски народ во Италија
Во состав на државната делегација за молебенот на традиционалната манифестација во чест на основачите на првата словенска азбука Свети Кирил и Методиј, беа и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, и амбасадорите на Македонија во Рим и во Ватикан Оливер Шамбевски и Звонимир Јанкулоски.
Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Претедателот Иванов денеска оствари и средба со Македонското национално малцинство во Италија.

|