|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска одржа предавање на италијанскиот Институт за меѓународни односи во Рим, каде го истакна значењето на транспортните комуникациски коридори во регионот и во Европа од минатото до денес.
Темата на предавањето кое го одржа македонскиот претседател беше „Од Виа Игнација до Виа Европа".
Пред присутните дипломати и студенти на Институтот, македонскиот претседател, ја повтори пораката од неговите денешни разговори со италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, за клучноста од поврзувањето на Коридорот 8 со Јадранско-јонската магистрала. Се очекува овој предлог да се најде на агендата на италијанското претседателство со ЕУ кое почнува на 1 јули.
При посетата на Институтот, со кој раководи поранешниот потпретседател на ЕК и италијански министер за надворешни работи Франко Фратини, денеска беше потпишан меморандум за соработка со Институтот при македонското Министерство за надворешни работи.
Воедно денеска беше потпишан и меморандум за соработка на правните факултети при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и Универзитетот „Ла сапиенца" во Рим.
Претседателот Иванов во Рим ја предводи македонската делегација по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил", во чии рамки синоќа во Ватиканските музеи беше отворена изложба „Словенски ракописи од Македонија од 13. до 19 век".
Паралелно со 46. издание на манифестацијата се одбележува 20 годишниот јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Ватикан.
Програмата на манифестацијата продолжува вечер со изведба на балетската претстава „14 часа" во тратарот „Куирино", во продукција на МОБ. Автор на музиката е Кирил Џајковски, кореографијата и сценографското идејно решение се на Игор Киров, костимите на Александар Ношпал, а режијата и либретото на Наташа Поплавска. Во современото балетско дело настапуваат Александра Мијалкова, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Ангела Велевска, Васил Чичијашвили, Игор Велановски, Јан Кисилев, Агим Бафтии и Иван Бојко.
Централниот настан во рамки на чествувањето на Свети Кирил е молебенот на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Кирил" во Рим. Со службата ќе чиноначалствува митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.

|