|
Претседателот Иванов одржа предавање на Универзитетот „Федерико Втори“ во Неапол
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги претстави постигнувањата и придонесот на Република Македонија во меѓународното право на предавањето што го одржа на Универзитетот „Федерико Втори" во Неапол.
Претседателот Иванов на предавањето говореше на темата „Од Taurisius до Constantinopolis – од Corpus Iuris Civilis до меѓународно право".
Соработката со „Федерико Втори", светски позната високообразовна институција, се официјализираше со Меморандум за соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј" во Скопје, во присуство на министерот за образование и наука Спиро Ристовски и ректорот на неаполскиот Универзитет проф.д-р Масимо Марели.
Посетата на Универзитетот „Федерико Втори" и потпишаниот Меморандум, според министерот Ристовски, е од исклучително значење за натамошно интензивирање на соработката.
„Во рамки на посетата на Италија заедно со претседателот Иванов го посетивме „Федерико Втори", што е втор најстар универзитет во светот. Денешната посета беше од исклучитено значење бидејќи се потпиша меморандум за соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј" во Скопје, а претседателот Иванов имаше предавање во областа на правото и експликација за постигнувањата и придонесот на Република Македонија во рамки на меѓународното право", изјави министерот Ристовски.
Универзитетот од Неапол „Федерико Втори" е основан во 1224 година. Студенти на оваа високообразовна институција биле свети Тома Аквински и Џордано Бруно, како и неколку италијански претседатели, меѓу кои и италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, кој утре ќе биде соговорник на македонскиот претседател.
На овој универзитет пред 45 години е отворен и првиот лекторат по македонски јазик во светот. Покрај со „Федерико Втори", ќе се воспостави соработка и со Универзитетот „Ла Сапиенца". Протоколот за соработка меѓу правните факултети на УКИМ и „Ла Сапиенца" ќе биде потпишан утре.
„Очекуваме плодна соработка во иднина со поддршка на најеминентните универзитети во светот лоцирани во Република Италија", рече министерот Ристовски.
Претседателот Иванов во Италија ја предводи македонската делегација по повод 46. манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил". Манифестацијата почнува вечер со отворање на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век" во Ватиканските музеи.
Утре македонскиот претседател ќе оствари билатерална средба со неговиот италијански колега, претседателот Џорџо Наполитано, и ќе го посети Институтот на Франко Фратини, каде ќе одржи предавање на тема „Од Виа Игнација до Виа Европа".

|