Поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија, во фокусот економската соработка - посета на Чешката Република
Четврток, 27 Февруари 2014   

ceska1Евроатлантските интеграции и економската соработка меѓу Чешка и Македонија беа во фокусот на денешната средба во Прага меѓу претседателите на Чешката Република, Милош Земан и Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Чешка е многу заинтересирана да инвестира во Македонија. Ние веќе имаме инвеститори во мали хидроцентрали, но сакаме да се подобри соработката во областа на енергетиката, рударството и да градиме трамвајска линија во Скопје, рече претседателот Земан на заедничката прес-конференција. Тој нагласи дека е убеден дека Македонија постепено ќе се вклучи во големото семејство на држави на ЕУ и НАТО. Чешка ја поддржува Македонија во евроатлантските интеграции, но како што знаете во овие организации одлуките се носат со консензус и една членка може да блокира, рече Земан и како пример за надминување на состојбата го посочи договорот меѓу Словенија и Хрватска околу спорот за Пиранскиот залив.

Претседателот Иванов рече дека очекува денешната средба да биде поттик за подобрување на соработката меѓу двете земји и изрази благодарност за чешката поддршка за македонските евроатлантски интеграции, а особено за принципиелниот став за употреба на нашето уставно име во билатералната комуникација. ceska2Македонскиот претседател на средбата побара почитување на Хашката пресуда и паралелно решавање на проблемот со името и почеток на преговорите за членство во Европската унија. Ако НАТО ги почитува сопствените принципи би требало да добиеме покана за членство на следниот самит во Велика Британија, бидејќи се што е до нас ние веќе сме го исполниле. Сепак треба да бидеме реалисти, останува проблемот со името, а нашиот сосед нема желба да се дојде до решение, рече претседателот Иванов. Тој нагласи дека трговската размена меѓу двете земји постојано се зголемува и дека постои добра соработка на сите останати полиња. Трговската размена од година на година се зголемува и веќе достигна 250 милиони евра од кои 170 се македонски извоз во Чешка. По секоја наша средба, соработката се подобрува, пред се на полето на економијата. Постои добра соработка и во културата, образованието, спортот туризмот, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов најави дека на чешкиот претседател Земан ќе му биде врачено највисокото македонско признание орденот „8 Септември“ за развој на добрите односи меѓу двете земји и за континуираната и принципиелна поддршка од неговите претходници. Тој посочи дека посебно внимание во целиот негов мандат посветил на односите со земјите од Вишеградската група со кои меѓу другото Македонија има и најдобри политички односи.

ceska4Чешката поддршка за интегрирањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО, ја потврди и премиерот на Чешката Република, Бохуслав Соботка на средбата со македонскиот претседател одржана вечерва во Прага. Претседателот Иванов изрази благодарност за поддршката и побара Чешката Република да влијае да се почитуваат меѓународно преземените обврски, како што се Времената спогодба и пресудата од Хаг. Во контекст на евроинтеграциите, претседателот Иванов побара да нема двојни стандарди и принципот на паралелно движење на процесите да се примени и во македонскиот случај, со овозможување на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. На интерес на премиерот Соботка, македонскиот претседател го запозна чешкиот премиер со состојбата во која се наоѓа процесот во ООН за надминување на отвореното прашање за името. На средбата беше разговарано и за можностите за унапредување на економската соработка, пред се за јакнење на соработката во туризмот и за таа цел враќање на авио-линијата Прага–Скопје. Премиерот на Чешката Република Соботка изрази интерес за можностите за инвестирање и за бизнис климата во Република Македонија. На средбата на која присуствуваше и министерот за странски инвестиции на Република Македонија, Бил Павлески, чешкиот премиер беше информиран за економските реформи и поволностите за инвестирање во Македонија.

ceska3

  Back<<Назад