|
Средба со советници на американски конгресмени
|
|
Понеделник, 16 Август 2010
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Охрид прими поголема делегација на советници на американски конгресмени, која во Македонија допатува во организација на Обединетата Македонска Дијаспора и Турската Коалиција во Соединетите Американски Држави. На срдечната средба Претседателот Иванов истакна дека Соединетите Американски Држави се партнер на Македонија во најважните стратегиски цели и приоритети на нашата земја. Претседателот ја истакна поврзаноста на двете држави, која значително придонесува кон обезбедувањето на мир, стабилност и напредок на Балканот преку промоцијата на демократијата и човековите права. Осврнувајќи се на политичкиот модел на Македонија, кој на прво место го става целосното почитување и унапредување на човековите права и македонскиот систем на мултиетничка демократија, Претседателот Иванов посочи дека Македонија развива модел кој треба да послужи како пример за голем број други држави, во регионот и пошироко. На средбата со делегацијата од САД беше истакнат и македонскиот придонес кон мировните мисии во најзначајните светски кризни жаришта, каде Соединетите Држави ги предводат напорите за обезбедување на мир и опстојување на слободата и демократијата. Повеќе членови на делегацијата, на средбата со Претседателот Иванов, изразија искрена благодарност за македонскиот придонес во мировните мисии во Ирак, во Авганистан и во Босна. Претседателот Иванов укажа дека во спорот кој Република Грција го наметнува во врска со уставното име на Република Македонија, ние остануваме посветени кон изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Според Претседателот Иванов, таквата разврска ќе биде од полза за Македонија, но и за Грција, и за стабилноста и просперитетот во регионот. Претседателот ја претстави основната стратегиска цел на нашата земја – Македонија како дел од обединета Европа без граници, во рамките на евро-атланските системи на безбедност и соработка. Членовите на делегацијата изразија силна поддршка на македонските реформи и активности кои водат кон интегрирање во обединета Европа и кон полноправно членство во НАТО.
|