Претседателот Иванов присуствуваше на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление (Водици) во Дојран
Недела, 19 Јануари 2014   

dojran01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов со својата сопруга, г-ѓа Маја Иванова и членовите на дипломатскиот кор, учесници на традиционалниот дипломатскиот прием, денеска во Дојран присуствуваа на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление (Водици).

Најсреќен меѓу петнаесетмината што се пуштија по светиот крст беше г. Ристо Стамов од дојранското село Николиќ. Тој од претседателот Иванов доби подарок крст со македонски рубин.

„Oва ми е втор пат како го фаќам светиот крст. Првиот пат пред две години ми донесе вработување, а сега сакам да ми донесе здравје, среќа и бериќет. Со тој благослов ќе го носам светиот крст во сите христијански домови во општина Дојран", рече г. Стамов.

д-р Томас Михаел Бајер, амбасадор на Република Австрија, изјави дека е среќен што имал можност да ја посети Гевгелија и Дојран.

„Им благодарам на претседателот и на општината што ни овозможија да го проследиме ова верско празнување заедно со луѓето од регионот", рече австрискиот амбасадор Бајер.

Задоволство од престојот во Гевгелија и Дојран изрази и г. Ернесто Масимино Белели, амбасадор на Италијанската Република.

dojran02„Многу сум среќен што сум тука. Ова е убав настан. Убаво е да се види како се чува и се одржува традицијата. Се надевам дека оваа Нова година ќе биде добра за сите, за Македонија и за граѓаните на Македонија", истакна амбасадорот Белели.

Претходно, претседателот Иванов и претставниците на дипломатскиот кор во Гевгелија присуствуваа на презентацијата на инвестициските можности на општините од југоисточниот регион.

Во организација на општина Гевгелија, инвестициските можности пред претседателот Иванов и претставниците на дипломатскиот кор ги претставија градоначалниците на Гевгелија, Иван Франгов, на Богданци, Анастасија Олумчева, на Дојран, Борче Стамов и градоначалникот на Валандово, Николче Чурлиновски.

Претседателот Иванов и дипломатите во Гевгелија ја посетија и националната установа Музеј на општина Гевгелија, како и амамот, што датира од XIX век.

prezentacijage

  Back<<Назад