Претседателот Иванов одликуван со Орденот Свети Ѓорги од Куќата на Хабсбург-Лотринген
Среда, 11 Декември 2013   

orden1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими надвојводата Карл фон Хабсбург – Лотринген.

На свечена церемонија, претседателот Иванов од страна на надвојводата Карл фон Хабсбург беше одликуван со Орденот на Свети Ѓорги од Куќата на Хабсбург-Лотринген.

Орденот се однесува на зајакнување на соработката со земјите од средна и југоисточна Европа, како многу важен политички интерес. Особено малите земји треба да добијат силен глас во рамки на Европската унија, како резултат на блиска соработка на економски и политички план. Орденот од редот на Свети Ѓорги е признание за Република Македонија како важен дел од Европа и има за цел забрзана европска интеграција на земјата.

Заблагодарувајќи се за признанието, претседателот Иванов во обраќањето пред присутните истакна дека Република Македонија ќе го продолжи патот на европската интеграција и ќе остане доследна на европската традиција.

„Како Претседател на Република Македонија, целиот мој мандат апелирам Европската унија да остане доследна на големата визија за отворен и обединет европски континент. Постојано се залагам за европски мир, за Pax Europea. Затоа, ова не претставува само лична афирмација за мене, туку и јасно признание за Република Македонија и за македонските граѓани" рече во обраќањето претседателот Иванов.

Надвојводата Карл фон Хабсбург – Лотринген во обраќањето го потенцираше развојот и напредокот постигнат во Република Македонија изминатите години, како и европскиот дух и ентузијазам што преовладуваат во македонското општество.

„За мене е претставува особено задоволство што имам можност да ви го доделам ова одликување на вас, господин претседателе. Со ова, не само што ја покажуваме личната врска што моето семејство ја има со вас многу години, и долгата традиција на пријателство со мојот татко, туку особено да оддадеме признание на политичкиот став што го застапувате во името на вашата земја во изминатите неколку години, и за кој сме уверени дека ќе го застапувате и во иднина. Да и оддадеме признание на европската димензија, што Македонија ја носи со себе и што вие ја претставувате на многу храбар начин", рече во обраќањето при доделувањето на Орденот, надвојводата Карл фон Хабсбург – Лотринген.

orden2

  Back<<Назад