Средба со претседателот на Европското движење на Босна и Херцеговина, Предраг Праштало
Вторник, 19 Ноември 2013   

prastaloПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими претседателот на Европското движење на Босна и Херцеговина, г. Предраг Праштало.

Претседателот Иванов ги поздрави активностите на Европското движење на Босна и Херцеговина и неговата улога и ангажман во подобрувањето на имиџот и перцепциите не само за Босна и Херцеговина туку и на целиот регион. „Интегративните процеси се тие кои не упатуваат на зголемена соработка во сите сфери од интерес за граѓаните на државите од регионот, и тие се алатката која претставува силна подршка на реформските процеси во нашите општества“, нагласи претседателот Иванов. Во тој контекст, посочувајќи ја важноста од взаемната поддршка и од регионалната соработка на планот на евроинтеграциите, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија како и досега, е подготвена за тесна соработка со сите земји аспиранти од нашиот регион.

Праштало за заблагодари за приемот од страна на македонскиот претседател и го информираше претседателот Иванов за претстојниот Конгрес на меѓународното Европско движење во Будва, со кој се очекува да се прати силна порака од регионот до Европската унија за неопходноста од доследно продолжување на процесот на проширување.

Европското движење на Босна и Херцеговина, во октомври 2012 година, на претседателот Иванов му додели „Орден за посебни заслуги" за неговиот придонес во регионалното европско партнерство, развојот на пријателствата, процесот на помирување и подобро разбирање меѓу народите во овој дел на Европа.

  Back<<Назад