Изложба на проекти на млади истражувачи „ Наука на младите“ во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија
Петок, 08 Ноември 2013   

izlozba0По повод Светскиот ден на науката, денес во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, по вторпат се одржа изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници, во организација на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Република Македонија – Народна техника и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" - Скопје.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја посети изложбата „Наука на младите", која ќе биде отворена во текот на денешниот ден, и на младите иноватори, им честита за освоените награди и достигнувања и ги охрабри да продолжат со уште посилен ентузијастички дух во создавање на пронајдоци и иновации. Воедно, честитајќи го Светскиот ден на науката, претседателот Иванов ги поздрави ваквите иницијативи, истакнувајќи дека поттикнувањето на образовниот и професионалниот потенцијал во нашата земја се исклучително важни, затоа што само едуциран кадар може да спроведува применливи научни истражувања, што е неопходно за обезбедување на економски развој, како и целокупен општествен напредок во земјата.

„Проектите што денеска имаме можност да ги видиме во Народната канцеларија, самите по себе зборуваат за нивното високо едукативно и апликативно ниво, како и за широкиот дијапазон знаења за новите технологии што го поседуваат младите истражувачи. Горди сме на овој потенцијал што го имаме како општество и апелирам до сите да се потсетиме на нашата обврска, секогаш да ги поддржуваме младите креативни луѓе во нивната работа", изјави претседателот Иванов.

Претседателката на Народна техника, проф. Христина Спасевска, изрази благодарност до претседателот Иванов за неговата континуирана поддршка на активностите и настаните кои имаат за цел да ја промовираат науката меѓу младите.

izlozba1Деканот на ФЕИТ Миле Станковски се надева дека изложбата ќе биде поттик за тие што сакаат да се занимаваат со наука да се придружат во науката и високото образование да го продолжат на технички или на факултети од природните науки.

„На нашиот факултет, ФЕИТ, се работат најголем број научно-истражувачки проекти во кои учествува кадарот на факултетот, но и млади научници - асистенти, докторанди и многу студенти. Наш студент за проектот за својата дипломска работа доби златен медал и уште две плакети на МАКИНОВА оваа година", истакна Станковски.

Претседателот на СПАТУМ Сојуз на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија. и проф. на ФЕИТ, Влатко Стоилков изјави дека големиот број патенти на млади научници потврдува дека Македонија има голем иноваторски потенцијал.

„По бројот на жители на државата сме прилично талентирана нација. Имаме многу патентти, пронајдоци, учествуваме на голем број меѓународни манифестации каде што добиваме и престижни признанија и награди. Нивниот број постојано расте, иако има административни пречки кои се поврзани со финансии и временски рокови. Тоа е бариера во која иноваторите тешко влегуваат. Но, ако направивме спој меѓу институциите - Државниот завод за заштита на индустриската сопственост, стопанските субјекти, мислам дека можеме да се движиме во добра насока", истакна Стоилков.

На изложбата беа претставени повеќе од 43 проекти на ученици од основните и средни училишта од 12 градови во Република Македонија кои што се здобиле со награди на Државните натпревари на младите истражувачи, организирани од Народна техника на Македонија, како и наградени иновативни проекти на МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2013. Исто така на изложбата беа презентирани и најдобрите проекти на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), при што се направи средба на основците и средношколците со студентите, и притоа беа разменети мислења и искуства, но и се воспоставија контакти за работа на идни заеднички проекти.

Народната канцеларија на претседателот Иванов останува отворена за сите иницијативи и настани кои имаат за цел да им овозможат на младите луѓе да го развиваат својот креативен и творечки потенцијал, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.

izlozba2

  Back<<Назад