|

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска со Орден за заслуги за Македонија ја одликуваше Националната установа фестивал „Охридско лето“, за долгогодишното успешно презентирање на македонското и светско музичко и културно творештво, како врвна музичко-сценска манифестација која дала исклучителен придонес во збогатувањето и промовирањето на македонската култура и афирмацијата на Република Македонија во светот. На церемонијата одржана попладнево во претседателската вила „Билјана“ во Охрид, претседателот Иванов истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што се одликува манифестација која веќе 50 години е место за средби на световите, за иновации и игра на фантазијата, и пред се, како што рече, „од кое се трасираат нови патишта, се охрабрува уметничкиот збор и дострелите на современоста со истовремена проекција на визии за иднината“. - Денес го одбележуваме педесетото јубилејно издание на оваа престижна макдонска културна манифестација, која сите овие изминати години посветено ја промовираше врвната европска и светска уметност на сцените во Охрид, но истовремено ја глорифицираше и македонската култура, рече Иванов, посакувајќи му на фестивалот и понатаму да биде отворена космополитска сцена на која ќе се отелотворуват уметничките визии, остварувајќи највисоки естетски дострели што ќе одекнуваат во светот. - Посакувам благородната мисија на „Охридско лето“ да продолжи уште многу години, задржувајќи ја својата единственост, препозналивост и специфичност, порача шефот на државата. Директорот на „Охридско лето“ Васил Зороски, во име на фестивалската управа истакна дека високото државно призание нека биде потстрек за уште посветла иднина на нашиот реномиран фестивал. - Низ петте изминати децении фестивалот „Охридско лето“ прерасна во институција со апсолутно најголема и најзначајна продукција на приредби од областа на класичната музика во Република Македонија, воедно и институција со завидна национална и меѓународна театарска продукција, истакна Зороски. Тој потсети дека милионската публика во Охрид била сведок на повеќе од 2.500 фестивалски приредби, од кои настапи на повеќе од 250 оркестарски и хорски ансамбли, речиси две илјади инструментални и вокални солисти, како и стотина театарски амсамбли. Вечер, на сцената на Атничкиот театар во Охрид со настапот на светски познатиот маедонски пијанист Симон Трпчески и Рускиот национален оркестар, под диригентска управа на маестро Михаил Плетњев, ќе биде отворено 50-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“, најрепрезентативната културна музичко-сценска манифестација во земјата.
|