Средба на Претседателот Иванов со директорот на американскиот Мировен Корпус Арон Вилијамс
Среда, 14 Јули 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес се сретна со Арон Вилијамс, директор на американската волонтерска организација Мировен Корпус (Peace Corps).
На средбата, Претседателот Иванов на директорот Вилијамс му го пренесе своето високо почитување за работата на Мировниот Корпус. Претседателот истакна дека американските државјани кои работата како волонтери во оваа организација, формирана од страна на Претседателот Џон Ф. Кенеди, остануваат трајна врска меѓу Соединетите Американски Држави и земјите во кои работеле. Претседателот Иванов во разговорот со директорот Вилијамс истакна дека високо ја цени работата на Корпусот и неговите доброволци во Македонија, и ја смета како придонес на целиот американски народ кон пријателството со Република Македонија.
Претседателот Иванов со задоволство го извести директорот Вилијамс за својата одлука да го одликува Мировниот Корпус, по повод 50 годишнината од формирањето на Корпусот која се одбележува во 2011 година, како и по повод 15 годишнината од почетокот на активностите на Мировниот Корпус во Македонија.
Директорот Вилијамс со задовоство ја прими најавата за одликувањето, велејќи дека Република Македонија е прва држава која најавила дека на овој начин ќе му оддаде признание на Мировниот Корпус во пресрет на годишнината од формирањето.
- Голема чест за мене е да прифатам награда која ќе го признае силното партнерстрво меѓу нашите волонтери во Мировниот Корпус и граѓаните на Македонија. Мировниот Корпус е формиран во 1961 година со цел да го промовира мирот и пријателството и работата која ја вршиме денес со заедниците во Македонија навистина ја отсликува визијата на Претседателот Кенеди за тоа што треба да биде јавна служба - изјави директорот Вилијамс.
Директорот Вилијамс ја искористи можноста да го информира Претседателот Иванов за ангажманот на Мировниот Корпус во светот, и за длабоката и значајна мисија на Корпусот од неговото формирање од страна на Претседателот Кенеди, вклучително и за најавата на Претседателот Обама за сериозно зголемување на бројот на волонтери на Корпусот.
- Би сакал да му изразам благодарност на Претседателот Иванов за неговата поддршка и за признанието за соработката меѓу Мировниот Корпус и Владата на Македонија - додаде директорот на Мировниот Корпус за Македонија Стивен Каци.
Мировниот Корпус дејствува во повеќе од 70 држави во светот. Во рамките на оваа организација, доброволци помагаат во заедници во кои има потреба од поддршка во областите на образованието, локалниот развој, работа со младите и ширењето на информатичката технологија.

  Back<<Назад