Објавен конкурсот за прибирање ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои се изработуваат одликувањата на Република Македонија
Петок, 04 Октомври 2013   

KabinetКабинетот на Претседателот на Република Македонија распишува:

                                    К О Н К У Р С
за прибирање ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои се изработуваат одликувањата на Република Македонија


1. Цел на конкурсот е да се приберат ликовно-графички решенија за описот, изгледот и материјалите од кои треба да се изработат следните одликувања утврдени во член 13 точки 3, 4 и 5 од Законот за одликувањa и признанија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.48/02 и бр.24/12):

- Медал на честа;
- Медал „Вечно сонце" и
- Медал за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија. Овој медал се доделува за секое учество и тоа:

• Прво учество, медал со чист рибон;
• Второ учество, медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот;
• Трето учество, медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Четврто учество, медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот;
• Петто учество, медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Шесто учество, медал со златна ѕвезда на средина на рибонот;
• За учество во секоја следна мисија, медал со златна ѕвезда и со последователен број на средина на рибонот.

2. Ликовно-графичките решенија за горенаведените медали, како и придружните елементи, треба да претставуваат израз на содржините утврдени со членовите 13, точки 3, 4 и 5 од Законот за одликувања и признанија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.48/02 и бр.24/12). Во таа смисла, ликовно-графичките решенија треба да ги изразуваат спецификите на Република Македонија, нејзините историски, културни, научни и уметнички традиции, симболи и обележја, нејзините природни реткости, како и нејзините автентични географски, природни и културни карактеристики.

3. Ликовно-графичките решенија треба да содржат решение за формата и изгледот со опис и упат за пластично и колористичко обликување и предлог од кои материјали истите ќе бидат изработени (племенити материјали – злато, сребро и други соодветни легури комбинирани со емаjл во една или повеќе бои и сл.).

4. Конкурсот е јавен, а понудите за ликовно-графичките решенија се доставуваат анонимно во затворена обвивка врз која треба да се напише „Конкурс за одликувања" и шифра од максимум 5 знаци (букви или броеви, како и назнака „Не отворај!"). Податоците за авторот треба да се наведат во посебен затворен коверт приложен во трудот со назнака „Автор" и назначен со истата шифра. Предлозите треба да се достават и во електронска форма (векторски формат-пдф) на ЦД. Конкурсните материјали и целата коресподенција поврзана со конкурсот се доставуваат на македонски јазик и кирилско писмо.

5. Секој од учесниците има право да учествува со по еден предлог за трите медали. За Медалот за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија, учесниците треба да достават ликовно-графички решенија за сите наведени верзии на истиот.

6. За најдобрите ликовно-графички решенија предвидени се награди, и тоа:
- Медал на честа 60.000,00 ден.
- Медал „Вечно сонце" 60.000,00 ден.
- Медал за учество во хуманитарни или мировни операции, надвор од територијата на Република Македонија:
• Прво учество медал со чист рибон;
• Второ учество, медал со бронзена ѕвезда на средина на рибонот;
• Трето учество, медал со бронзена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Четврто учество, медал со сребрена ѕвезда на средина на рибонот;
• Петто учество, медал со сребрена ѕвезда и број 1 на средина на рибонот;
• Шесто учество, медал со златна ѕвезда на средина на рибонот;
• За учество во секоја следна мисија, медал со златна sвезда и со последователен број на средина на рибонот. 80.000,00 ден.

7. Жири-комисија формирана од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија ќе изврши вреднување и квалитативно оценување на добиените ликовно-графички решенија.

8. Жири-комисијата го задржува правото да не додели награди на конкурсот ако смета дека предложените решенија не ги задоволуваат бараните карактеристики.

9. Авторските права на учесниците во конкурсот чии ликовно-графички решенија ќе бидат прифатени се пренесуваат во целост на Претседателот на Република Македонија.

10. Краен рок за предавање на ликовно-графичките решенија е 24.10.2013 година до 16.00 часот, во архивата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија (ул. „Ацо Караманов" 33А, 1000 Скопје). За ликовно-графичките решенија испратени по пошта важи датумот и часот на испраќањето.

11. За дополнителни консултации и информации учесниците на конкурсот можат да се обратат до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, на телефонскиот број 02/3253-132 секој работен ден од 10.00 до 14.00 часот.

Кабинет на Претседателот на Република Македонија

  Back<<Назад