Билатерални средби на претседателот Иванов во рамки на 5. Регионален претседателски Самит во Драч, Република Албанија
Вторник, 17 Септември 2013   

VujanovicDracПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на 5. Регионален претседателски Самит во Драч, Република Албанија, одржа одвоени билатерални средби со Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, со Претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ и со Претседателот на Република Косово, Атифете Јахјага.

На средбите со претседателите Вујановиќ, Јахјага и Нишани, централна тема беше инфраструктурното поврзување, поточно реализацијата на иницијативата за проектот Јадранско-Јонска магистрала и поврзување со коридорите 8 и 10. Сите претседатели се согласија дека овој проект кој ќе ги поврзе пазарите и ќе ја зголеми економската компатибилност и конкурентност на сите инволвирани земји, и дека треба да биде највисоко во агендата на регионалната соработката. Беше договорено интензивирање на контактите со цел преку заеднички настап да се обезбеди поддршка од ЕУ за реализација на проектот. На средбите со сите соговорници, беа разменети информации за актуелните внатрешни економски и политички состојби во земјите и регионот, како и за состојбите во поглед на евроатлантските интеграции. Сите соговорници изразија заемна поддршка за интегративните процеси во ЕУ и НАТО, и изразија позитивни очекувања од претстојниот Европски совет во декември и следниот Самит на НАТО кој ќе се одржи во 2014 година.

На средбите беа разгледани и билатералните односи и соработка.

Претседателот Иванов и претседателот Вујановиќ констатираа дека нема отворени прашања меѓу Република Македонија и Црна Гора, дека двете земји се фокусирани на идентични надворешно-политички приоритети и цели, членството во НАТО и ЕУ и интензивна регионална соработка, и констатираа дека се исполнети сите услови, за во наредниот период највисок приоритет да биде ставен на развојот на економската соработка.

JahjagaDracНа средбата со Претседателот на Република Косово, претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија опстојува на определбата за градење на добрососедски односи, сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог, институционално да се надминуваат сите предизвици. Во таа смисла беше изразено задоволство од надминувањето на неодамнешниот проблем во трговската размена и беше изразена надеж дека во иднина нема да се повторат проблеми кои ја ограничуваат економската соработка меѓу двете земји. Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија целосно ги поддржува евроатлантските аспирации на Република Косово и ги поздрави постигнатите резултати во разговорите меѓу Република Србија и Република Косово, што претставува силен импулс за затворање на отворените прашања во регионот. Претседателката Јахјага изрази задоволство од учеството на 5-от регионален самит кој ја зголемува вредноста на билатералните, но и на регионалните односи и искажа благодарност до претседателот Иванов за улогата во овие самити чија примарна цел беше вклучување на Косово во регионалните иницијативи.

На средбата со Бујар Нишани, претседателот на Република Албанија, двајцата соговорници изразија надеж дека континуираниот и плоден политички дијалог ќе придонесе за зголемување на економската соработка и трговската размена.

Претседателот Нишани искажа благодарност за личниот придонес на претседателот Иванов во достигнатото ниво на пријателски односи меѓу двете земји, кои можат да послужат како пример во регионот, како и за ангажманот и улогата на претседателот Иванов на овие самити кои прераснуваат во корисна и значајна традиција, и од кои се очекува да создадат амбиент за реализација на заеднички проекти од корист за сите држави. Двајцата соговорници констатираа дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, а во таа насока потребно е Европската унија да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нивна најуспешна политика.

NishaniDrac

  Back<<Назад