|
Претседателот Иванов ги посети македонските мировници во мисијата АЛТЕА во Босна
|
|
|

Република Македонија секогаш била насочена кон промовирање и извезување на мирот, изјави денеска претседателот и врховен командант на воoружените сили на АРМ, Ѓорге Иванов при посетата на македонските мировници во мисијата на Европската унија АЛТЕА во базата Бутмир во Сараево. - Македонија учествува во мировните мисии и мировните операции и секогаш настојува да даде придонес во рамки на можностите каде што има потреба од тоа. Редовно сме присутни со наши војници во мисијата АЛТЕА, присутни сме во Авганистан, бевме во Ирак, а имаме и наш војник во Либан. Секаде каде што имаме можност да учествуваме, Македонија дава свој придонес, рече Иванов. Тој додаде дека иако еден период целиот регион имал потреба од дополнителни меѓународни сили, сега треба да го извезуваме мирот. Командирот на ЕУФОР, Бернард Баир, изрази благодарност за придонесот што македонските мировници го даваат во мисијата АЛТЕА. - Македонските војници како бројка не се многу, но се медицинско-санитетска поддршка на целокупните сили на ЕУФОР преку медицинската ќелија и се високо квалификувани и спремни, рече Баир. Претседателот Иванов им оддаде почит на единаесетмината припадници на АРМ што трагично загинаа во 2008 година, враќајки се од успешно завршената мисија АЛТЕА. Република Македонија во моментот партиципира со десет член медицински тим и два офицери во командата на ЕУФОР, а во мисијата во БиХ учествува од 2006 година.
|