Честитка до новоизбраниот Претседател на Република Полска Бронислав Коморовски
Вторник, 06 Јули 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја упати следната честитка до новоизбраниот Претседател на Република Полска Бронислав Коморовски. Почитуван господине Коморовски, Дозволете ми, од свое лично име, и од името на граѓаните на Република Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки за изборот на функцијата Претседател на Република Полска. Воедно, ја користам можноста, да Ви посакам успех во извршувањето на оваа одговорна функција, натамошен просперитет на Вашата земја и благосостојба на пријателскиот полски народ. 
Во оваа свечена пригода, сакам да го изразам задоволството од досегашниот развој на традиционално пријателските односи меѓу нашите две земји, како и своето длабоко уверување дека соработката и натаму ќе се развива и продлабочува во сите сфери од заемен интерес. На тој план, сакам да го повторам мојот, и на Република Македонија интерес за одржување на континуиран политички дијалог и на соработката на сите нивоа, како на билатерален, така и на мултилатерален план.
За мојата земја од исклучителна важност е отворената поддршка што Република Полска и ја дава на патот кон целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Граѓаните на Република Македонија и јас лично, посебно ја цениме поддршката од Република Полска за нашето уставно име. За таквата поддршка и во оваа прилика ја повторувам мојата, и на граѓаните на Република Македонија, голема и искрена благодарност.
Со надеж дека ќе ја имам честа наскоро лично да Ви го честитам изборот, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорѓе Иванов

  Back<<Назад