Претседателот Иванов му го честиташе изборот на Претседателот на Германија Кристијан Вулф
Понеделник, 05 Јули 2010   

По повод изборот на Кристијан Вулф за Претседател на Сојузна Република Германија, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го испрати следното писмо со честитки -
Почитуван господине Претседател,
Ми претставува особено задоволство да Ви упатам честитки од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име за изборот на функцијата Претседател на Сојузна Република Германија. Со честитањето на овој свечен чин, би сакал да Ви посакам успеси при извршувањето на оваа висока и одговорна должност.
Ја користам оваа свечена пригода да изразам задоволство од досегашната соработка меѓу нашите две земји и да ја нагласам мојата и на Република Македонија благодарност за континуираната поддршка што Сојузна Република Германија и ја дава на Република Македонија, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Најискрено се надевам дека во периодот што ни претстои, со заеднички ангажмани, ќе го негуваме и унапредуваме традиционалното пријателство меѓу нашите две земји и народи.
Почитуван господине Претседател, во оваа прилика сакам да ја истакнам активната и конструктивна посветеност на Република Македонија на процесите за интеграција во Европската унија и Северно-Атлантската алијанса, кои мојата земја ги има како стратешка и цврста определба. На тој план, верувам дека Сојузна Република Германија ќе остане силен поддржувач на евроатлантските интеграции на Република Македонија.
Со такво уверување и со надеж дека ќе ја имам честа наскоро лично да Ви го честитам изборот, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорѓе Иванов

  Back<<Назад