|
Претседателот Иванов му го честиташе изборот на Претседателот на Германија Кристијан Вулф
|
|
|
По повод изборот на Кристијан Вулф за Претседател на Сојузна Република Германија, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го испрати следното писмо со честитки - Почитуван господине Претседател, Ми претставува особено задоволство да Ви упатам честитки од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име за изборот на функцијата Претседател на Сојузна Република Германија. Со честитањето на овој свечен чин, би сакал да Ви посакам успеси при извршувањето на оваа висока и одговорна должност. Ја користам оваа свечена пригода да изразам задоволство од досегашната соработка меѓу нашите две земји и да ја нагласам мојата и на Република Македонија благодарност за континуираната поддршка што Сојузна Република Германија и ја дава на Република Македонија, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Најискрено се надевам дека во периодот што ни претстои, со заеднички ангажмани, ќе го негуваме и унапредуваме традиционалното пријателство меѓу нашите две земји и народи. Почитуван господине Претседател, во оваа прилика сакам да ја истакнам активната и конструктивна посветеност на Република Македонија на процесите за интеграција во Европската унија и Северно-Атлантската алијанса, кои мојата земја ги има како стратешка и цврста определба. На тој план, верувам дека Сојузна Република Германија ќе остане силен поддржувач на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Со такво уверување и со надеж дека ќе ја имам честа наскоро лично да Ви го честитам изборот, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување. д-р Ѓорѓе Иванов
|