|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица), го посети Пробиштип, каде присуствуваше на литургијата во црквата „Успение на Пресвета Богородица", со која чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Митрополитот брегалнички г. Иларион.
„Сакам на сите верници да им го честитам празникот Успение на Пресвета Богородица, да им посакам многу здравје, радост и среќа во животот. Мајката Божја ние особено ја славиме како заштитничка, заштитничка на домовите, на семејствата, на мајките, на децата, така што и овој голем христијански празник е момент да се потсетиме на обврските што ги имаме кон нашите семејства, кон нашите деца. Исто така, од ова рударско место, Пробиштип, би сакал на сите рудари во Македонија да им го честитам нивниот празник и ним да им посакам многу радости, среќа и успеси во животот", изјави претседателот Иванов.
Во рамки на посетата на Пробиштип, претседателот Иванов присуствуваше на свеченото отворање на градскиот пазар. Воедно, претседателот Иванов го посети Домот на културата, каде ги разгледа минеролошката збирка и поставката на слики од Лесновска ликовна колонија, а го посети и манастирот „Св. Гаврил Лесновски" во с.Лесново.

|