Претседателот Иванов ги прими генералите на АРМ и оствари видео врска со македонските мировници во мисиите „АЛТЕА“ и „ИСАФ“
Петок, 16 Август 2013   

armПретседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денеска, по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија, ги прими генералите на Армијата на Република Македонија.

На средбата присуствуваа началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, заменик-началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Несер Сејдини, директорот на ГШ на АРМ, бригаден генерал Димче Петровски, командантот на здружената оперативна команда, бригаден генерал Методија Величковски, началникот на штабот на ЗОК, бригаден генерал Мухамет Рацај и командантот на Првата механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Стојан Димчов.

Претседателот Иванов и раководството на АРМ разменија мислења и информации околу состојбата во Армијата на Република Македонија, ангажманот на македонските мировници во мисиите „ИСАФ" и „АЛТЕА", како и за идните планови за развој, модернизација и унапредување на степенот на борбената готовност на Армијата на Република Македонија.

arm9За време на приемот, претседателот Иванов оствари видео врска со македонските припадници во мировната мисија „АЛТЕА", во Босна и Херцеговина и во мировната мисија „ИСАФ", во Авганистан.

На македонските мировници, претседателот Иванов им го честита Денот на Армијата на Република Македонија и ја поздрави нивната посветеност и професионализам во извршувањето на благородната мисија. „Република Македонија е горда на вас и на вашата храброст. Со придонесот кој го давате во градењето на светскиот мир, вие на најдобар начин ги претставувате сите реформи во македонската армија и го промовирате македонскиот пат кон евроатланските интеграции. Вашиот професионализам е за восхитување," им порача претседателот Иванов на припадниците на мировните мисии.

Македонските мировници се заблагодарија за упатените честитки и пофалби, како и за континуираната поддршка која ја добиваат од претседателот Иванов. Припадниците на мировните мисии во разговорот со македонскиот претседател, истакнаа дека и натаму храбро и достоинствено ќе ги извршуваат своите задачи, бранејќи ги заедничките вредности – мирот, слободата и демократијата.

arm5

  Back<<Назад