Брисел не стои зад изјавата на Самарас - учество на претседателот Иванов на состанокот на лидерите од Брдо процесот
Четврток, 25 Јули 2013   

Денешниот настан во Брдо кај Крањ покажа дека Брисел не стои зад изјавата на грчкиот премиер Андонис Самарас, оти ЕУ, а не Грција ја блокира Македонија, оцени македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каков одговор добил од францускиот претседател Франсоа Оланд - зошто има молк од Брисел во поглед на Македонија, претседателот Иванов рече дека тој молк го прекинал Оланд кој на прес-конференција најави дека Франција ќе направи се за да може Македонија со Грција да најде решение на она што е наша пречка за интеграциите.

Со самото тоа што претседателот Пахор и претседателот Јосиповиќ и тоа што го зборуваше претседателот Оланд кажаа за нивните настојувања и желбите регионот да се интегрира, кажува дека Брисел не стои зад таа изјава на господинот Самарас, истакна македонскиот претседател, одговарајќи на прашање по завршувањето на состанокот на лидерите од Брдо процесот во Брдо кај Крањ.

Во рамки на денешниот состанок во Брдо кај Крањ, претседателот Иванов оствари билатерална средба со францускиот претседател Франсоа Оланд.

Имајќи ги предвид добрите односи кои ги има со Грција, Франција сака да помогне да се изнајде решение за проблемот меѓу Македонија и Грција. Факт е дека дојде до застој во решавањето на овој проблем. Факт е и тоа дека ние не можеме овој проблем само да го оставиме да постои. Мора да направиме нешто во врска со тоа прашање. Поради тоа Франција сака да го искористи влијанието кое го има за да се обидеме да изнајдеме решение бидејќи ова прашање навистина беше премногу комплицирано, премногу долго трае, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд на прес-конференција по пленарната сесија на состанокот во Брдо кај Крањ, и додаде дека сака да ја искористи можноста уште еднаш да ја нагласи поддршката која Франција ја дава и ќе продолжи да ја дава на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија.

На предлог на претседателот Иванов во заклучоците од состанокот на лидерите од Брдо процесот се вметнати две точки според кои, правно-обврзувачките договори претставуваат основа за заедничка иднина во рамки на ЕУ и дека отворените прашања можат да бидат решени врз основа на отворен политички дијалог преку почитување на преземените меѓународни обврски и одговорности.

  Back<<Назад