Инфо-ден за иновативни мали и средни претпријатија и претприемачи во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија
Четврток, 11 Јули 2013   

InfoDenNKВо Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија, во Скопје, денеска се одржа инфо-ден, насловен „Бизнис ангели за иновативни МСП и претприемачи 2013", во организација на ЕУ-Проект центар за знаење и иновации - ЕМКИЦЕ. Присутните на инфо-денот имаа можност да се запознаат со процесот на подготовка за инвестирање, поволните области за инвестиции, како и предностите и придобивките од користењето на ЕУ фондовите за таа намена. Во рамки на инфо-денот беше презентиран акциониот план во 5 точки ("Action Plan to benefit SME growth in 2014-2020") за поттикнување на претприемачите и поддршка и раст на мали и средни компании.

„Во оваа прилика изразуваме благодарност до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и до Народната канцеларија во Скопје, што ни овозможија да одржиме инфо-ден и воедно да одбележиме уште еден чекор од кампањата започната во мај во Брисел", истакна Илија Вучков, претседател на ЕМКИЦЕ.

Предводен од идејата дека првиот чекор кон освојување на иднината се иновациите, а во таа насока потребно е стимулирање на натпревар на идеи меѓу малите и средни претпријатија, претседателот Иванов континуирано ги поддржува настаните и иницијативите кои ја поттикнуваат иновативноста, креативноста и претприемачкиот дух кај младите.

  Back<<Назад