Средба на претседателот Иванов со претседателот на ТИКА, д-р Сердар Чам
Четврток, 04 Јули 2013   

tikaПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид, прими претставници на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА, предводени од претседателот на ТИКА, д-р Сердар Чам.

На средбата, претседателот Иванов ги поздрави досега реализираните проекти во Република Македонија во областа на образованието, здравството, земјоделието, туризмот, индустријата, посочувајќи дека проектите, кои со поддршка на ТИКА се реализираат во Република Македонија, позитивно се одразуваат на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Турција и се во интерес на унапредување на соработката меѓу двете пријателски земји. Во тој контекст, претседателот Иванов ги потврди неговите заложби за натамошна поддршка и поттикнување на идните активности на ТИКА во земјава.

Македонскиот претседател, пред делегацијата на ТИКА, предводена од д-р Чам, порача дека во земјава се секогаш добредојдени искуствата на Република Турција, оценувајќи дека нивните проекти придонесуваат во зајакнувањето на институциите, преку конкретната техничка соработка, но и во одржувањето на блискоста на народите.

На средбата претседателот Иванов упати поздрави до претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул, премиерот г. Реџеп Таип Ердоган, министерот за надворешни работи, г. Ахмет Давутоглу и до целиот турски народ. Воедно истакна дека со внимание ги следи актуелните настани во Република Турција и го изрази очекувањето Република Турција да продолжи со својот просперитет и развој. Претседателот Иванов истакна дека, како што Република Македонија ужива безрезевна поддршка од Република Турција и раководството во предизвиците со кои се соочуваме, така и тие ја уживаат нашата целосна поддршка во соочувањето со предизвиците со кои се соочуваат. Република Турција и раководството се докажани пријатели на Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата.

Д-р Сердар Чам и претставниците на ТИКА, кои инаку се во посета на балканските држави, се заблагодарија за средбата со претседателот Иванов и за можноста да ги презентираат досега спроведените, тековните проекти и плановите за во иднина, истакнувајќи дека особено ја ценат континуираната поддршка, идеите и личните заложби на Претседателот, за нивно успешно имплементирање. Како што истакна раководството на ТИКА, денешната средба со претседателот Иванов, воедно е доказ за пријателството меѓу двете земји, но и потврда за подготвеноста на институциите во Република Македонија за натамошна соработка со агенцијата.

Tурската агенција за координација и соработка е дел од Претседателството на Владата на Република Турција, а во Република Македонија е присутна и функционира од 2005 година, со своја Канцеларија за програмска координација. ТИКА досега има отворено 35 канцеларии во светот и спроведува проекти во 110 земји.

tika1

  Back<<Назад