Иванов - Фишер: Австрија е силен поддржувач на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО
Вторник, 26 Февруари 2013   

Fisher1Република Австрија е силен поддржувач на интеграцијата на Македонија во Европската унија, нагласи австрискиот претседател, Хајнц Фишер на средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, која се одржа денеска во Виена, каде македонскиот претседател учествува на 5. Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на ОН.

Австрискиот претседател оцени дека македонско-австриските билатерални односи се во постојана позитивна динамика и оти Австрија придава посебно значење на односите со земјите од Западен Балкан, а особено со Македонија.

На средбата беа  разменети мислења за евроинтеграциските процеси во Република Македонија и за актуелната политичка состојба, при што претседателот Иванов  детално го информираше австрискиот претседател  за актуелната состојба  и за неговиот личен ангажман за нејзино надминување.

Претседателот Фишер, заблагодарувајќи се за добиените информации, изрази надеж дека политичките лидери во Македонија преку компромис ќе изнајдат излез од состојбата и дека сите фактори во македонската држава ќе се фокусираат на зацртаната ЕУ агенда.
Fisher2Претседателот Иванов го запозна претседателот  Фишер и со актуелните активности во процесот за надминување на разликата за името, како и за односите со соседите, Притоа македонскиот претседател се заблагодари за личниот ангажман на претседателот Фишер и за австриската поддршка за европските аспирации на Македонија, нагласувајќи го значењето на следната фаза од евроинтеграцискиот процес за Македонија – добивањето датум за преговори.

„Република Македонија и нејзиното општество предолго чекаат на следната фаза во евроинтеграцијата, почеток на пристапни преговори. Ист случај е и во НАТО. Ние имплементираме реформи и испорачуваме резултати, но прогрес нема, што создава фрустрации во нашето општество и влијае во одредена мера на изостреноста во политичкиот амбиент”, истакна претседателот Иванов

Австрискиот претседател изрази задоволство од повторната средба со претседателот  Иванов и истакна дека честите средби кажуваат доволно за односите меѓу двете држави.

Претседателот Иванов денеска оствари средби и со Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер, како и со заменик-генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за индустриски развој - УНИДО, Таизо Нишикава.

„ОБСЕ се задоволни од позитивните придвижувања за надминување на состојбите преку последниот предлог за одложување на рокот за поднесување листи за претстојните локални избори во Македонија", истакна Заниер на средбата со македoнскиот претседател.
Генералниот секретар, Заниер го информираше претседателот Иванов дека ОБСЕ внимателно ги следат политичките состојби во Република Македонија, преку нивната мисија, како и за нивниот ангажман поврзан со локалните избори.
Претседателот Иванов се заблагодари за ангажманот на Заниер и ОБСЕ за сета помош и поддршка и го запозна со состојбите и случувањата по нивната последна средба, за неговите оценки и видувања за состојбите, како и за очекувањата и можните сценарија за наредниот период.
Генералниот секретар на ОБСЕ, искажа задоволство од позитивните придвижувања за надминување на состојбите преку последниот предлог за одложување на рокот за поднесување листи за локалните избори.
„ОБСЕ дава поддршка на сите напори за надминување на состојбите и воспоставување на дијалогот", истакна Заниер, посочувајќи дека ОБСЕ е подготвена и ќе продолжи да помага во рамките на своите можности и мандат.

На средбата со заменик-генералниот директор на УНИДО, претседателот Иванов доби информации за актуелните проекти, го поздрави ангажманот и побара натамошна поддршка од УНИДО, особено за проектите за отстранување на техничките и технолошки бариери значајни за одржливиот развој и одржување на животната средина во Македонија.

Утре, на официјалното отворање на форумот, македонскиот претседател ќе се обрати на пленарната сесија посветена на одговорното лидерство во различностите и дијалогот.

  Back<<Назад